АктуелноЛокално

Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт де факто не треба да постои

  • Реакција на Политичката партија Левица

Со измените предвидени во Закон за изменување и дополнување на Законот за спорт, предвиден е престанок на важноста на Одлуката за основање на ЈП за стопанисување со објекти за спорт, со што вработените и имотот на ова ЈП од национално значење преминуваат во Агенција за млади и спорт, додека спортските објекти од локално значење, во сопственост на општините.

Овој Закон бил одолговлекуван со години, па донесен и повторно повлечен во рок од пет дена, во мај 2015г. во нејасни околности, па предложени се нови измени, кои повторно се пролонгираат со години, со што де факто ова претпријатие не треба да постои.

Како последица, заклучно со јули 2021 година, долговите на претпријатието изнесуваат фантастични 6,8 милиони евра, а сметката на претпријатието е блокирана уште од октомври 2003 година поради изгубените судски спорови, додека во овој временски период се променети владите на ВМРО-ДПМНЕ-СДС и нивниот вечен коалиционен партнер ДУИ.

Дури тројца од поранешните директори биле судени за дела што ги сториле на функцијата, а уште неколку управители на ЈПСОС биле јавно посочувани за корупција.

Голем дел од спортските објекти под ингеренција на ЈПСОС не биле впишани во Катастар на име на државата. Затоа низ годините имало случаи кога концесионерите, користејќи го Законот за легализација на дивоградби, ги легализирале објектите како нивни, приложувајќи само сметки за комуналии.

Ревизијата спорела дека во договорите, кои, иако најголемиот дел биле склучувани на 30 години, не содржела конкретна обврска дека по истекот на закупот објектот треба да се врати на претпријатието, а закупнината на објектите била произволно пресметувана.

Хаосот во кој подолго време се наоѓа ова претпријатие, најдобро го опишува наодот на ревизијата, кој вели дека постојат повеќе активни договори за закуп на еден ист објект.

Владата предводена од Ковачевски итно мора да преземе акција за решавање на сите спорови околу ЈПСОС кои таложат само долгови, да се ослободи од концесионерите кои ја крадат државата, го узурпираат спортскиот простор и ги оштетуваат спортистите и буџетот на Република Македонија.

После пет години криминално владеење на Владата на СДС/ДУИ, доволно долго слушавме изговори дека ова е последица на криминалот на ДПМНЕ/ДУИ. Цели пет години оваа Влада не се покажа компетентна за решавање на проблемите за кои даваше лажни ветувања дека ќе ги реши, а во замена, направи сѐ да продолжи по патот на претходната власт.