Левица: Народот во мизерија додека антикризните мерки останаа на хартија
- Реакција на Политчката партија Левица
Лукаревска изјавува дека борбата со кризата е маратон, а не спринт и дека во буџетот има доволно пари за нејзино надминување. Но, маратонот никако да започне.
Владата досега нема преземено ништо, за да ја ублажи кризата и да ги намали последиците од инфлаторните движења, иако пред донесување на ребалансот ветуваа дека со неговото усвојување ќе започнат и антикризните мерки за кои има предвидено приближно 200 милиони евра.
Цените и понатаму слободно се формираат на пазарот, а без државна интервенција, инфлацијата ќе продолжи да расте, а јазот меѓу богатите и сиромашните, сè повеќе ќе се продлабочува.
Наспроти нејзиното тврдење дека до август има поголема наплата на даноците над 18 отсто во споредба со минатата година, податоците од Министерство за финансии говорат сосема друго.
Заклучно со јули, 2022 година, наплатени се 80,962 милијарди денари за даноци што е за 11,67 отсто повеќе од претходната година или според податоците од Министерството за финансии, во периодот јануари – јули 2021 година, прибрани се околу 72,5 милијарди денари за даноци. Во табелите за извршување на буџетот заклучно со јули оваа година, буџетскиот дефицит изнесува 10,173 милијарди денари кој е покриен со странски заеми и државни записи од банкарски и небанкарски институции.
Повисокиот процент на наплата на даноците овој период е понизок од годишната стапка на инфлација, која за јули изнесува 16 отсто, значи, наплатата е понсика за 4,33 отсто.
Ветувањата на власта мора да се реализираат веднаш. Ако средствата се обезбедени, под итно треба да се воведат антикризни мерки, субвенции за земјоделците, социјална помош, субвенции за придонеси за повисоки плати, за минимална плата, средства за сузбивање на енергетската сиромаштија и за зголемување на енергетската ефикасност.
Но, ребалансот е план, а од планирање до обезбедување на средства има голема разлика. Поради својата неспособност, власта не само што не се грижи за својот народ, туку со секојдневните коруптивни скандали, уште повеќе го осиромашува и го фрла во безизлез.