Левица: Дивоградбите – Дивиот запад на македонското општество
- Реакција на Левица – Зелен сектор
Над 90 дивоградби се градат на територијата на Маврово во изминатите две години.
Уште неколку стотина други никнуваат секојдневно и на Попова Шапка, во Охрид, на Матка, на реката Бабуна кај Велес, на планината Бреза, во националниот парк Пелистер и во голем дел од Источна Македонија.
Македонија станува диво градилиште, оаза на неправда, безвластие и на лоши клиентелистички закони што постојат за да ги задоволат урбаните мегаломании од алчните политички елити и нивните корумпирани исцедоци.
Се гради на узурпирано државно земјиште, без дозвола и со умисла. Откако објектот ќе никне, сопствениците планираат да ги легализираат дивите објекти, користејќи ги измените во Законот за легализација на дивоградби којшто веќе неколку месеци е во собраниска процедура.
Влези, загради, грабни и легализирај е мотото по коешто се водат македонските тајкуни и елити кои повеќе од една деценија се под директна заштита на СДС, ДПМНЕ И ДУИ – најголемиот бермудски триаголник на неправда, корупција и зло што направи од Македонија своевиден урбан трибализам или племенска заедница водена од трите корумпирани поглаварски елити.
Непотизам со политички конекции се најголемиот услов да се заграби за малку пари атрактивно државно земјиште.
Според порталот irl.mk од овој закон се офајдила пратеничката од ЛДП Моника Зајкова чија веќе легаизирана куќа како што наведува порталот, е запишана на името на нејзиниот татко Бранко Зајков. Сосед на Зајкова според истиот извор е Марјан Здравковски од ЛДП, помошник министер во одделението за информатика и телекомуникации на МВР.
Поранешниот министер за транспорт и врски од ДПМНЕ ,Миле Јанакиески е првиот што го донесе законот за легализација на дивоградби, а актуелниот министер Благој Бочварски од СДС дополнително го продолжи рокот на негова важност..
Ова е перпетум мобиле, нешто што вечно трае, сѐ додека постои алчноста на политичките елити.
Историски гледано ова е најнеправедниот и најлош закон преку којшто државното земјиште трпи најголема штета.
Ова е закон за кој нема надзор, инспекторат или каква било ревизија и единствена причина што сѐ уште опстојува се ИСКЛУЧИВО лукративните и клиентелистички интереси на сите владеaчки елити досега.
Во речиси сите општински совети ширум Македонија буквално на секоја седница оди курбан по едно парче државно земјиште, или секоја втора недела урбаната мафија преку поединци од корумпираната општинска администрација и мнозинството во советите, успева да постави знаменце на секој новоосвоен и приватизиран квадратен метар државно земјиште.
Во стручната урбана терминологија, овој процес се нарекува дооформување на градежна парцела, а во МЕДИЦИНСКАТА ТЕРМИНОЛОГИЈА се вика канцер. Проблематични се и приклучоците за струја од страна на ЕВН, којашто патем не смее да спроведе струја до објекти што немаат дозвола за градба, односно се градат нелегално.
Инаку, според новиот Предлог закон за бесправно изградени објекти предмет на легализација ќе бидат објекти изградени до јануари 2021, со 50 до 100% повисоки комуналии. Исклучок се одредени делови од Охридскиот регион и заштитените подрачја и Националните паркови. Сѐ што е нелегално во зона на строга заштита и активно управување ќе се урива според овој предлог – закон.
Од 2011 година па досега, откако е донесен овој закон, ширум Македонија се поднесени илјадници барања за легализации, а само неколку барања за уривање што го прави овој закон крајно неправеден и селективен.
Политичката партија Левица во иднина жестоко ќе се спротистaвува на урбаниот канцер и на какви било обиди за понатамошно разнебитување на државното земјиште во корист на бизнисот и политичките елити.
Државното неискористено земјиште ќе се доделува на млади од 18 години за симболичен месечен надоместок, на кое со државна помош ќе можат да изградат архетипски куќи во модерен стил, и на овој начин на среднорочен рок да ги откупат живелиштата, како и да се мотивираат да останат и да ја градат иднината во својата татковина.