АктуелноЛокално

Молк на институциите предводени од ДУИ за дивоградбата на Беким Максути

Повеќе од еден месец трае молкот на неколку надлежни институции за неофицијалната информација на МКД.мк дека Беким Максути, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување си има изградено вила среде Шар Планина, без никаква дозвола. Немаме одговор од општина Тетово, немаме одговор од Национален парк Шар Планина, немаме одговор од Максути, а вчера конечно добивме одговор само од  ЈП за стопанисување со пасишта.

Според наши информации на местото викано Сидол во Шипковичко бачило во Националниот парк Шар Планина од неодамна е изградена куќа без соодветна документација, а во сопственост на истакнат член на ДУИ, актуелен директор на Дирекција за заштита и спасување, шеф на изборниот штаб на ДУИ за локалните избори за Тетово, заменик министер за одбрана, асистент професор на ДУТ, Беким Максути.

За дивоградбата не добивме никаков одговор од надлежните сектори на Општина Тетово. Не добивме никаков одговор и од Максути, ниту пак од одговорните лица на ЈП Национален парк Шар Планина.

Конечно, вчера од ЈП за стопанисување со пасишта добивме одговор во кој се вели дека тие немаат издадено никаква согласност за градба за Максути во тој дел од Националниот парк.

„ЈП за стопанисување со пасишта во рамките на своите активности и надлежности нема издадено документ за регулирање на право на користење на пасиште или поставување на времен објект за намена-чување на добиток на име Беким Максути.

Сите активности вон надлежност на ЈП за пасишта, а што се со цел уништување на природните богатства и нарушување на биодиверзитетот на Националниот парк Шар Планина, сметаме дека се во надлежност на ЈП Национален парк Шар Планина, како институција што интегрално управува со новопрогласениот национален парк во државата. А за самите градежни активности околу дивоградбата, согласно своите ингеренции во делот за дивоградбите, треба да постапува секторот во надлежната општина.

Ние како Јавно претпријатие што стопанисува со пасиштата во државна сопственост, ќе стапиме во контакт со ЈП Национален парк Шар Планина и ќе ги запознаеме  со сето ова што го имате доставено до нас“, се вели во одговорот на ЈП за стопанисување со пасиштата.

Во член 10 од Законот за пасишта пишува дека за поставување на времени објекти (трла, поила и слично) корисникот на пасиштето е должен да бара согласност од Јавното претпријатие за пасишта.

Се чека на реакција на Општина Тетово, на Националниот парк Шар Планина, на СВР Тетово, на Јавното обвинителство…

Вчера, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК) информираше дека прави анализа на документите поврзани со јавната набавка на противпожарните авиони. Се работи за предистражна постапка за сомневање за злоупотреба при тендерската постапка на Дирекцијата за заштита и спасување, каде раководи Беким Максути.

Извор: мкд.мк А.Д.