Актуелно

Amnesty International: Училиштата и болниците користени како воени бази од страна на украинските сили!

Реномираната меѓународна организација, Амнести интернешенел (Amnesty International), која се занимава со заштита и промоција на човековите права, во својот најнов извештај констатира дека украинските воени сили ги загрозуваат цивилите со тоа што станбените области и други објекти од цивилната инфраструктура ги користат за воени операции.

Украинските војници ги прекршуваат меѓународните правни норми и военото право со тоа што ставаат оружје во училиштата и болниците во градовите и ги ставаат во опасност цивилите, се наведува во извештајот на организацијата.

„Имаме документирани случаи кога украинските сили го загрозувале цивилното население и го прекршиле воениот закон кога дејствувале во населени места… Да се биде во одбранбена позиција не ја ослободува украинската војска од усогласување со меѓународното хуманитарно право“, вели Агнес Каламар, генерален секретар на организација.

Според извештајот, украинските сили „предизвикуваат штета на цивилното население… користејќи оружје и воена опрема во населените области, вклучувајќи училишта и болници“. Во извештајот се истакнува дека со тоа се крши не само военото, туку и меѓународното хуманитарно право.

Новинарите на Amnesty International спроведоа сопствена истрага за последиците од руските ракетни напади во регионите на Миколаев и Харков, интервјуираа локални жители и ги прегледаа местата на ударите, како резултат на што дојдоа до заклучок дека украинската армија користела станбени објекти и цивилна инфраструктура за свои цели во 19 градови, што предизвикало возвратен оган од вооружените сили на РФ.

Написот го документира и користењето од страна на украинската војска на магацин со жито како место за складирање муниција и опрема. Во почетокот на јули, овој магацин беше уништен од руската армија, локацијата е регионот Николаев.