Власта не може да си ги собере пратениците на Седница доколку не станува збор за национално предавство
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ја прекина работата на 79-та седница која има 33 точки за расправа, со образложение дека нема услови да се одлучува за прашањата. Како што објави државната агенција МИА, во пленарната сала присуствуваа само 53 пратеници, од потпишани 85.
Тие 32 пратеника што го изнервираа Џафери, штом се потпишале, денеска ќе имаат право на патни трошоци.
Џафери ги повика претседателите на партиите од парламентарното мнозинство во 13 часот да се состанат кај него во Кабинет и да се договорат како ќе продолжат со работа со оваа институција. Во моментов никој не крева телефон, веројатно се на состанок кај него.
„Поради фактот дека пратениците се потпишаа и одлучија да не влезат во Салата, Собранието нема услови да може да одлучува за прашањата за кои треба да се одлучува на почетокот на седницата. Ова јасно ни кажува за пратениците и за ставот кој го имаат. Некои мислат дека ова е нивен имот и со нивниот имот можат да се однесуваат како сакаат, но ова не е наш имот, како пратеници“, ја пренесе МИА изјавата на Џафери.
Џафери ги повикал двајцата претседатели на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои биле присутни во Собранието, да одлучат како ќе дејствуваат понатака. Очигледно е дека на пратениците не им се работи, а тие се најактивни во Собранието само кога станува збор за национални велепредавства.