Литовски објави партизанско сведоштво од бугарските фашистички злосторства
Александар Литовски е поранешен член во Заедничката историска комисија на Македонија и Бугарија кој своевремено си даде оставка од истата, како што тогаш соопштија медиумите заради политички притисок и морални причини. Денес, по подолго време, тој објави колумна насловена „Пробугарски исахизам“ во „денешен магазин“, и во истата сподели сведоштва од злосторства правени од страна на бугарскиот фашистички окупатор.
Во прилог ви го пренесуваме извадокот од неговата колумна, каде тој пренесува автентични зборови од еден партизански документ:
– Наспроти антикомунистичкиот и профашистички молк на јавната македонска сцена за ѕверствата против македонските патриоти од времето кога фашистичките антикомунисти „администрираа“ по македонските села, градови, низини и планини, би ги пренел автентичните зборови од еден партизански документ, од март 1944 година, каде, буквално, е запишано и следното:
„По повлекувањето на I МКУБ [Првата македонско-косовска ударна бригада] од с. Никодим, одма упаднала буг.[арска] војска, која ги собрала сите селани на сред-село и офицеро (ко шо кажува, бил гестаповецо поручник Кацаров) ги тепал со камшик, карајки им е мајката зато шо биле „сичките комунисти“. После тоа дошто бил маш во селото: крив, сакат, болен и сл.[ично] све собрале и ги донесле во Прилеп…
Во Пр.[илеп] се држани 6 дена, саслушавани по неколку пати, поединци од ним прилично тепани. Во Никодин има изгорено 4 плевни… 2 партиз[ани] убиени и фрлени кај воденицата Плетварска и 6 мина над воденицата, кај чешмата. Сите голи слечени и дупени со ножој. Од ними познале 1 от Пр[илеп], 1 од Дебарца, 1 од Преспа, другите не се знајат… 7 наши борци кои се склониле во Крапјанските колиби, издадени сет от страна на Дражиќевците на буг[арската] војска и сите се ватени. Тие ги однесле на „Барбарас“ [близу до Дебрешките чешми], каде добиле нареѓење да ликвидираат со ним. Прво се слечени голи, па после стрељани.
От како ги истепале, прајле от ними ‘крстица’ каде другарката која била измеѓу ними е кладена најзгора. Некој от буг[арските] војници барале да видат дали е убиената другарка жена или девица и е дупеле со ножојте измеѓу бутојте и вршеле разни други мизерии. После неколку дена Дебрешките селани ги закопале. Над Десо[во], от буг.[арски] заседи, убиени се 4 другари… Сите 4-ца недотепани слекувани се голи и поново стрељани на растојање от 2 метра.
Со ними била 1 др-ка [другарката], санитарка. која е била ранета на 9 места, но успева да се довлечи до 1 трло и бидува спасена… Се знај уше за 1 борец кој бил фатен кај тунело [Богомилски]. Него го прашале шо е по народнос. Тој одговорил „Македонец – болшевик“. Кога почнале да му поставува уше прашања му се здодејало и му извикал: ‘Доста бе кучиња. Си е продадовте вашата земја, па сега дојдовте и нашата да е продавате и ги убивате незините најарни синој’…“