Миксот од советско и западно оружје е кошмар за украинската армија
Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
Воениот конфликт во Украина е одлична можност и полигон за испитување на нови и современи видови на оружје, како и можност за искористување на старите залихи со оружје, опрема и муниција. Западот под водство на САД продолжува со огромната воена помош на Украина, како дел од програмата Lend-Lease, која што досега нема значително влијание врз текот на војната. Како резултат на миксот од советско и западно оружје и техника, украинската армија денес наликува на индиската армија, или на ирачката армија од времето на Садам Хусеин.
Различни видови на оружје и техника од различни држави и епохи, за кои што е потребна огромна логистика и оддржување претставува голем проблем за секоја армија, а особено за армија која што е во фаза на војна. Дополнителен проблем за Украина е и тоа што украинската воена индустрија и центрите за ремонт и оддржување, како резултат на руските ракетни и авионски напади, се уништени и се надвор од функција.
Од почетокот на воениот конфликт во Украина, и Русија и Украина организираа изложби на трофејна и уништена непријателска техника. Но, мора да се признае, Русија успеа да зароби повеќе единици на воена техника и да организира разни изложби. Последните во низа такви изложби беа во Лисичанск и Мариупол, каде беа изложени стотици разни видови на трофејна украинска воена техника, пред се од советскиот период, но, доста воена техника и опрема и од НАТО држави. Министерството за одбрана на Руската Федерација, секој ден покажува кадри од уништувањето на оружје и воена опрема од западно производство, кое што Западот и го предаде на Украина. На интернет постојано се појавуваат инсерти и видеа од уништена или трофејна западна воена техника и оружје. Дел од тоа оружје завршува во руските воени научни центри на изучување.
Од почетокот на конфликтот, Украина доби илјадници тони и единици на советска воена опрема од државите од Источна и Централна Европа, кои што беа дел од Варшавскиот пакт во минатото. Но, тоа оружје не и помогна на Украина. Затоа, многумина во Украина и на Западот веруваа дека со помош на современото оружје и воена опрема од Западот, плус обуката по НАТО стандарди во последните 8 години, Украина ќе успее да се одбрани и по воен пат да ја порази Русија. Украина и Западот големи надежи полагаа на реактивните артилериски системи M142 HIMARS, самоодните хаубици Caesar, Krab, PZH 2000 Panzerhaubitze 2000, хаубиците M777, како и на ударно разузнавачките дронови Bayraktar TB2, камиказа дроновите Switchblade, противтенковските системи Javelin и NLAW, лесните противавионски преносни системи Stinger (MANPADS), како и други видови на воена техника и опрема. Но, сите овие видови на оружје и воена техника, како и илјадниците специјалисти од Западот кои што се наоѓаат во Украина не ја оправдаа надежта на Западот и на Украина. Според западните разузнавачки служби и аналитичари, дел од украинските војници се откажуваат да ги користат западните видови на оружје и опрема, бидејќи не се обучени за тоа, и бидејќи овие системи се сложени за употреба и одржување, за разлика од советските системи.
На Украина за да премине на оружје и опрема по НАТО стандарди, и да создаде армија по НАТО стандарди ќе и требаат години, години кои што Украина ги нема, бидејќи на Украина во моментот и треба армија која што ќе може да се бори со руската армија. Унифицираниот стандард на НАТО главно се поврзува со калибрите на муницијата, и со обединувањето на опремата. Невозможно е трансфер од советска самоодна хаубица „Акација“ во француска самоодна хаубица „ Caesar“ без долга и сериозна подготовка. А добар артилерист, навикнат на советски систем БМ-21 Град, нема да може да се снајде со познатиот американски M142 HIMARS. Секоја единица западна воена опрема и оружје бара и посебна преквалификација на украинските воени специјалисти. Но, ова е само врвот на ледениот брег. Испораката на еден или два самоодни хаубици со совршено обучени екипажи е добра за пропагандни видеа, но за воените логистичари оваа ситуација се претвора во кошмар. За реална борба со непријателот потребно е воените единици да бидат опремени со иста воена опрема, а не истата да биде од различни европски и советски модели, плус со различн калибар. Сето тоа е кошмар за логистиката и за единиците задолжени за оддржување на техниката.
Во моментов, прв приоритет за украинската команда треба да биде правилната употреба на помошта од Западот. Односно создавање единици опремени со западно оружје и темелна обука на нивниот персонал по НАТО стандарди. Само тогаш најновото оружје на Западот ќе стане тупаница што може да го запре неизбрзаното, но континуирано напредување на Русите. Во Велика Британија се обучуваат три тешки механизирани бригади, кои ќе се вратат во Украина, каде што ќе ги чека западна опрема и оружје. Обуката е по НАТО стандарди. Во Германија во тек е обука на украински артилеристи. Но сето ова е премалку за да се сопре напредувањето на моќната руска армија. Исклучително е тешко да се обучат илјадници војници, воени специјалисти за кратко време и притоа наоѓајќи се постојано под ракетни и авионски напади на руската армија.
Главната работа е што претседателот Зеленски, од политички причини, спротивно на барањата на украинскиот Генералштаб, ја принудува својата војска да ги пренесува најновите видови западно оружје на фронтот што е можно побрзо, без оглед на нивното снабдување со муниција, логистика и резервни делови. Како резултат на тоа, наместо западното оружје да и помогне на Украина, руската армија успева да уништи добар дел од тоа оружје во складовите ширум Украина, или на полето на битката, а дел од западното оружје завршува во рацете на руската армија како трофејно. Но, реалноста е дека никакво оружје не може да и помогне на Украина да го смени односот на силите и воената среќа и иницијатива да помине во рацете на Украина.