Ерван Фуере: Бугарија се однесува како колонијална сила
Добропознатиот на македонската јавност поранешен претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија во Македонија, Ерван Фуере, во својата изјава за ТВ24 го потврди тоа што веќе и е јасно на македонската јавност. Тоа дека францускиот предлог, доколку биде прифатен, ќе биде катастрофален и погубен за Македонија и македонскиот народ.
Во изјавата Фуере имаше неколку клучни точки, но, и замерки кон ЕУ и ЕК за пристрасноста кон својата членка Бугарија, во нејзиниот однос кон Македонија.
Првата, битна точка која ја напомена поранешниот претставник на ЕУ, е дека Македонија ќе треба ПОВТОРНО да го промени својот Устав, и тоа пред да започнат преговорите за членство во ЕУ, со што индиректно се потврдува дека Бугарија ги прекршува заложбите кон конвенцијата и Европскиот суд за човекови права во однос на македонското малцинство на територија на денешна Бугарија. Практично, Македонија ќе се откаже од Македонците во Бугарија, исто како што го стори тоа со Преспанскиот договор за Македонците на територија на денешна Грција.
Понатаму, тој наведе дека ЕУ го руши својот интегритет и објективен пристап во однос на македонско-бугарското прашање, бидејќи пристрасно ги прифаќа сите барања од страна на Бугарија. Илустративно истакна дека ако Македонија го прифати фамозниот предлог и преговорите започнат, тоа ќе ја стави во лудачка кошула, а Бугарија ќе го има клучот.
На крај, Ерван Фуере се изјасни дека Бугарија се однесува како колонијална сила, наметнувајќи ја својата верзија на историјата како официјална врз македонскиот народ, а со тоа и ќе влијае на светското толкување на историјата на овие територии.