Велевски: Спомен куќата на Гоце Делчев во Битола трета година е затворена
Советникот во Општина Битола од Левица, Горан Велевски преку социјалните мрежи се обрати до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, надоврзувајќи се на пратеничкото прашање на Апасиев во собранието по повод руинираните културни објекти во Велес. Тој посочи дека спомен куќата на Гоце Делчев во Битола трета година е затворена. Неговиот став ви го пренесуваме во продолжение во целост.
„Сакам да се надоврзам на собраниската расправа и пратеничките прашања од пратеникот Димитар Апасиев до министерката за култура во врска со старите архитектури и спомен куќи.
Битолската министерка за култура, Бисера Костадинова, бисерот битолски на социјал-демократите, се’ уште не обезбедила финансиски средства за реставрација на спомен – куќата на Гоце Делчев во Битола.
Трета година е затворена оваа спомен куќа поради лошите руинирани услови, а за ВАНЧО-МИХАЈЛОВИСТИТЕ има простор, дозвола, печат, обезбедување, надзор и одговорност во заштита на „културната социјал-демократија” да ни проповеда нова ера на историја и погубување на фашизмот од меморија.
Дали министерке ова е историско политичко занемарување на македонската историја и уништување на спомен обележјата ?
Во оваа куќа, Гоце Делчев престојувал неколку месеци каде што се сретнал во битолскиот затвор со војводата Даме Груев и остварувал средби со други припадници на организацијата. Во оваа куќа има вредни експонати оставени од Делчев”