АктуелноИнтернационалноОгледало

Рудолф Кистлер – младиот адвокат кој брилијантно го бранеше Гаврило Принцип

На денешен ден 1914 година се случи атентатот на престолонаследникот на Австро-Унгарија, Франц Фердинанд во Сараево, чин кој според некои историчари, ја предизвика Првата светска војна, а според други–атентатот бил само непосредниот повод, а војната неизбежно би се случила порано или подоцна. Но, несомнено е дека Сараевскиот атентат беше повод да отпочне разврската на таложениот антагонизам и вриеж помеѓу двата спротивставени европски блокови на почетокот на дваесетиот век: Централни сили и Антанта. Низ тие историски турбуленции, едно од имињата кои се провлекуваат низ драматичните почетоци на војната поврзани со судскиот процес против атентаторот на Фердинанд, Гаврило Принцип, е името на младиот адвокат Д-р Рудолф Кистлер кој го бранеше Принцип во судскиот процес против него, заради „принцип“ како што луцидно забележуваат некои историчари.

Франц Фердинад беше убиен од Гаврило Принцип, член на организацијата „Млада Босна“, па по отфрлениот ултиматум кој што ѝ беше упатен на Србија, еден месец подоцна Австро-Унгарија ѝ објави војна на Србија и започна првото големо крвопролевање во Европа и светот во 20-тиот век. По Сараевскиот атентат историјата бурно забрзува и на светската историска сцена за само 37 дена ќе завладее војна која ќе ги однесе животите на 15 милиони луѓе.

Во време кога се случил атентатот, Гаврило Принцип бил премногу млад за смртна казна бидејќи се сметал за малолетен без навршени 21 година, па бил отворен судски процес против него. Синот на поштарот, растен во измачувачка беда и болести се нашол пред „Големиот суд на историјата“ од кој произлегол  судскиот процес исполнет со правни сведоштва кои, како што наведуваат многу историски извори на правото, се вистински читанки по право за брилијантниот настап на легендарниот правник, младиот адвокат  д- р Рудолф Кистлер.

Впрочем, како што се согласни истражувачите, Кистлер е најинтересната личност од судскиот процес против Гаврило Принцип и другите атентатори во 1914 година, односно како што го нарекувале: австоунгарскиот „L’enfant terrible“ на сараевскиот процес. Атентатот го затекнал во Сараево, како 28-годишен приправник со докторат од Виенскиот универзитет. Судот по службена должност го именувал како како адвокат заедно со уште шест бранители.

Како што и самиот Кистлер наведува: „моето презиме ги наведе да помислат на мојата лојалност“, било меѓу другото, одлична забелешка и претчувство за начинот на кој што бил доживуван тој и неговата улога во процесот во австроунгарската, но и дел од останатата европска јавност. Инаку Кистлер е дете родено во мешан брак од татко Германец и мајка Хрватка. По своето идеолошко убедување бил социјалист, а важел и за мошне правдољубив и правичен човек кој на правото гледал и од силни морални, но и филозофски позиции, што може да се заклучи од начинот на кој што ја водел и структуирал својата одбрана во Сараевскиот процес.

На почетокот на судењето истражниот судија Пферер му кажал дека има голема надеж во него и дека верува дека сѐ добро обмислил. И навистина, Кистлер брилјантно ја обмислил одбраната, но не на начин на кој очекувале оние кои го ангажирале и како што самиот и вели: „оние кои ме потчукнуваа по рамото“.

Кистлер одлучил да го нападне обвинението во целина и со амбиција да го собори. За да се илустрира опасноста и атмосферата во која се наоѓал Кистлер во текот на судскиот процес против Гаврило Принцип и останатите обвинети за планирање, соучество и извршување на атентатот, особено со неговата адвокатска амбиција, треба да се има во предвид дека во Босна и Херцеговина во тие моменти владеела многу тензична атмосфера, со големи австроунгарски армии низ земјата и војници низ сараевските улици, а и со првите воени загуби по границите бидејќи Првата светска војната веќе започнува.

Рудолф Кистлер, воден од поривот на својот морален и професионален интегритет, првенствено интимно одбивајќи да учествува по инструкциите на обвинителите,  навистина почнува да го брани обвинетиот. И тоа го прави на одличен начин. Целосно ја побива клучната точка на обвинението, а која се однесувала на велепредавството, односно дека атентатот бил со намера Босна и Херцеговина територијално да се оддели од Австроунгарската монархија.

Кистлеровите аргументи биле немилосрнди – тврдел дека на обвинетите не може да им се суди за „убиство на престолонаследникот“, туку за „убиство“, бидејќи според „нашиот закон, повреда на престолонаследникот не познава посебна заштита“.

Исто така, го обесмислил и другото тврдење од обвинението, според кое целта на атентаторот била територијално одвојување на Босна и Херцеговина од Австро-Унгарија, поентирајќи дека истата не била правно втемелена, бидејќи и самата анексија на Босна и Херцеговина е нелегитимна, имајќи во предвид дека не била ратификувана во австрискиот и унгарскиот парламент. Со други зборовои, ако Босна и Херцеговина, во формално-правна смисла, не била дел од Австро-Унгарија, тогаш не ни можела да се отцепи од неа. Оваа негова забелешка несомнено е една од највпечатливите точки на неговата одбрана, бидејќи, меѓу другото, укажува на пропустите во срочувањето на обвинението, што од правна гледна точка се недопустливи. Поради неприфаќањето на точки од обвинението, кое што сметал дека е втемелено на гола сила, а не на закон – и малку е да се каже, искажал несекојдневна лична и професионална храброст, поради што Рудолф Кистлер бил прогонет од Сараево. Атентаторите, две недели подоцна, на 28.октомври сепак биле осудени (пет од нив на смрт, а останатите на 19-годишна казна затвор), а Кистлер бил прогонет од Сараево 24 часа по завршување на судењето. 

По самото судење, Кистлер тоа вака го опишува: „По завршување на мојата одбрана бев предупреден од пријателите да не ја напуштам зградата на гарнизонот во кој се одвиваше процесот, бидејќи на излезот ме чекаат официри со сабји, со цел да се пресметаат со мене.“

По протерувањето од Сараево, Кистлер живеел во Загреб, каде што бил угледен член на Загребската адвокатска комора. Работел во Пакрац и Вуковар. Во 1918 година се вратил во Сараево, каде што ги затекнал судиите кои што го осудиле Принцип и неговите другари. Дури по новинскиот текст кој што лично го напишал за нив, кој што предизвикал лавина од реакции и негодувања, власта ги пензионирала. Втората светска војна го затекнала во Загреб, каде што властите бргу го уапсиле и депортирале во озогласениот логор Керестинец, но сопругата Германка (Јулијана) го спасила докажувајќи дека не е Евреин. По тоа, Кистлер се вратил во Сараево, каде што продолжил да работи. Умрел во 1960 година.

Историчарите посочуваат дека ликот и делото на овој адвокат имаат исклучително и мношне симболично значење во Сараевскиот процес и согласни се дека неговата улога е неоправдано занемарена, веројатно поради контроверзната нитка која што ја носи негова улога во тој процес. Тие низ историско гледиште ги анализираат правните аргументи на младиот адвокат, што, на некој начин и геополитички го отсликува тогашнаиот сооднос, релации и односи на европските сили и влијанијата во регионот.

„Кистлер се повикал на одлуката на Берлинскиот конгрес од 1878 година со која Босна и Херцеговина останала под суверенитет на султанот, а Австро-Унгарија добила право само да ја окупира Босна и Херцеговина со цел да се смири општествениот вриеж во Босна и Херцеговина“, напоменува универзитетскиот професор по историски науки Драгиша Васиќ, кој додава дека Кистлер тврдел дека ниту анексијата на Босна и Херцегоцина од 1908 година не ја променила ситуацијата, бидејќи „Босна и Херцеговина (како провинции, м.б.) не влегле во територијален сојуз со Монархијата, туку останале посебнитеритории, под суверенитет на Хабсбуршката куќа, но не и под суверенитет на државата, односно на Австро-Унгарија, гледајќи од формално-правен аспект.

„Кистлер бил чесен човек, пред сѐ. И нему му било јасно дека во постоечките околности не можел да ги ослободи младобосанците. Но, во очите на сите оние кои сакале тоа да го воочат, тој успеал Принцип и другарите да ги одбрани со извонредна правничка вештина. Не се само австроунгарските власти оние кои барале крв, освета, сурова казна, туку цела Европа“, вели историчарот, академик Драгољуб Живојиновиќ. 

Оттука, адвокатот Рудолф Кистлер во историјата на адвокатурата ќе остане еден од светлите примери и потсетник во сегашноста дека адвокатот е должен да ги вложи сите сопствени и правни вештини и аргументи во срочување на одбраната, иако е свесен за однапред изготвената пресуда.

Превземено од академик.мк – М.В / veljanoskim@akademik.mk