АктуелноЛокалноСтав

Тешко е да сакаш поет

Пишува: Игор Смилев, Советник од Левица во Општина Велес и Претседател на еко-здружението „Грин Пауер“ 

На 13 јуни е 79 годишнината од смртта на Коста Солев Рацин – ЧОВЕКОТ БОЛКА, великанот кој создаде Божество од зборот, и чија сила на зборови ги покори светските поетски крепости поставувајќи го на секое од нив знамето на љубовта.

Тој е петтиот елемент кој му требаше на светот за да ја пополни својата културолошка празнина, а светот му се оддолжи со најголемото признание прогласувајќи го за Светско културно наследство.

Антологија на македонската болка и поезија е антологија на македонската искреност. Искреноста очајно и треба на сегашноста наша и сега од оваа историска дистанца сфаќаме колку болка му треба на еден човек за да сака искрено, и уште поголема болка ако му биде љубовта невозвратена. Магијата и големината на Рацин лежи токму во изборот да ја одбере болката од која ќе создаде антологија.

Да ја одбере искреноста кон онаа што никогаш не успеа да ја допре, никогаш не успеа да и проговори, ниту пак некогаш успеа да го слушне нејзиниот глас. Големите љубови се ретки како што се ретки и големите дела, а големите поети се најголеми затоа што преку љубовта создадоа големи дела. Светот немаше да биде дом на волку голема тага, доколку жените повеќе ги сакаа поетите, отколку варварите и војниците. Тешко е да сакаш поет.

Рацин беше најсовршениот воин на зборот и брутален варварин на својата среќа. Но, убиен од невозвратени зборови.

И, можете да си замислите сцена, пред вас љубовта на вашиот живот како секој ден ја гледате како поминува и не можете никако да стапите во контакт со неа, само затоа што припаѓате на друг општествен сталеж, заради тоа што сте поет, проклет, сиромав грнчар, заради тоа што се обраќате кон една богата фамилија.

Всушност, тоа ни се случува секој ден денеска, на секој еден од нас ако бидеме доволно искрени да си признаеме себеси.
Во секој од нас живее Рацин, секој од нас е Рацин, со тоа што денеска е уште повеќе жива “антологијата на болката“, заради тоа што денеска станаа луѓето и побескруполозни на искрените изливи на секоја наша љубов, независно во која форма и облик доаѓа.

Сето она што денес го градиме со љубов, ќе ни се врати по 10, 15, 20 години. Но, ретки се оние кои градат за и од љубов.

На крајот, простете им на сите оние кои што не ни ја возвратиле љубовта, како што Рацин и простил на својата муза Раца со генијални стихови, и само така со простување ќе го разгневиме устоениот воздух помеѓу нас кои сакаме, и оние кои се сакани и не знаат дека постоиме. Сето она што ние го имаме како љубов во себе, никој не може да ни го одземе. Не умира. Како што вечно живее љубовта во стиховите на Рацин.

Можеби за нас нема да се најде нов модерен Рацин што ќе пишува, арно ама доволно генијален и моќен е Рацин да не потсети колку искрената љубов ни недостасува во денешно време.

И денес, 79 години после неговата гибел, ништо не се променило, а љубовта се уште е неразбрана, оти денес ниту зборови има кој да напише, а се помалку луѓе кои го разбираат јазикот на љубовта. Ако не ме разбирате сега што ви пишувам, дијагнозата е јасна „оттуѓени сте од љубовта”. Тогаш за вас единствена терапија е Рацин. Ако и после него, останете пусти и празни , вие сте веќе само тело без болка, а човек без болка е за навек оттуѓен од животот. Рацин останува најголем, вонвременски великан, венчан за болката. А ние недостојните за неговата љубов, достојни сме само да се помачиме да дојдеме до Лопушник, на 12 јуни, на местото каде што тој си го даде својот живот.

Се додека се слуша лелек од зборови горе, РАЦИН ЌЕ ЖИВЕЕ!!!