Опозициската партија Левица остро реагираше на изјавите на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во врска со трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Од партијата го обвинуваат Тошковски дека наместо да даде одговори за оправданите дилеми што се отворија по несреќата, тој посегнува по „евтини политички манипулации“ и обвинувања кон опозицијата и ожалостените семејства кои протестираат.
Левица посочува дека едно од клучните прашања кое сè уште нема добиено одговор е зошто полициската рација во дискотеката започнала дури во 2:30 часот по полноќ, иако, според информации, од Бирото за јавна безбедност било наложено да се постапи во 1 часот. Наместо веднаш да се делува во „Пулс“, полицијата, според партијата, прво постапила во друг објект во населбата Оризари.
„Несфатливо е безбедносна акција да започне пред самиот крај на настан со голема посетеност, каде присуствувале млади од повеќе градови. Дополнително, дел од службениците на смена таа вечер се познати како партиски активисти на актуелната власт, што фрла сомнеж за селективност во постапувањето,“ се наведува во соопштението на Левица.
Партијата ја обвинува власта за обид да го задуши јавниот револт и бара неселективна и темелна истрага за целосното раководење со случајот. Според Левица, особено скандалозна и навредлива е изјавата на министерот дека протестите на семејствата на жртвите биле организирани од опозицијата.
„Министерот Тошковски треба да се запраша зошто овие луѓе немаат доверба во институциите. Наместо да ги дискредитира родителите и нивната болка, нека одговори кој и зошто дозволил вакви пропусти во спроведување на безбедносната акција,“ порачаа од Левица.
Партијата најави дека ќе продолжи да бара одговорност, без разлика на партиската припадност на вклучените службени лица. „Ниту еден одговорен не смее да биде заштитен,“ порачуваат од Левица.
Целосното соопштение на партијата во продолжение: