Плусинфо: 5.200 евра „фрлени“ на екскурзијата на новинарите, Владата одговори колку од народните пари потрошила на новинарската свита во Софија
На превоз и на сместување на 34 новинари, сниматели и на фоторепортери во Софија, Бугарија, Владата на Република Македонија потрошила вкупно 322.502 денари или нешто повеќе од 5.200 евра.
Превозот со автобус до главниот град на Бугарија чинел 86.902 денари, додека од државниот буџет за сместувањето на новинарите во хотел се потрошени дополнителни 235.600 денари.
Потрошената сума за медиумско покривање на меѓувладината седница во Софија, на која нашата Влада со себе донесе новинари од 29 медиуми, за Плусинфо беше потврдена од канцеларија на портпаролот на Владата.
„Како што беше наведено и во повикот за акредитација испратен до сите медиуми (вклучително и до вашиот медиум) трошокот за превоз и сместување го покрива Владата. Согласно заклучокот од седница на Влада, за ова е задолжена Службата за општи и заеднички работи. За хотелско сместување на медиумските претставници се платени 235.600 денари, а за автобускиот првоз 86.902 денари“, се вели во одговорот од Владата.
Претходно ја пренесовме и реакцијата од претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, кој истакна дека се противи на тоа приватни медиуми да се носат на настани на државна сметка.
Ако ја следиме логиката на пазарот, тогаш медиумите сами решаваат што ќе следат, каде ќе патуваат нивните новинари и потоа самите ќе си платат за тоа – вели првиот човек на ЗНМ.
Ставот на Плусинфо е дека новинарите не смеат да патуваат на државен трошок и дека тоа претставува класичен пример на корупција.
- Текстот е превземен од plusinfo.mk