Слободата никој не ја дава за џабе – слободата мора да се освои
Денес, навршуваат 119 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Во чест на него објавуваме извадок од текст на Блаже Миневски, извор Нова Македонија
Гоце бил бистар, кристален горски извор од кој бликала љубов за секој човек: „Тој беше постојано срдечен, јасен, отворен, пишува Шапкарев. Никогаш не глумеше, никогаш не позираше, не се фалеше. Само еднаш се фотографира со чета, но и тогаш во последниот ред и со големи молби и навалување на другарите. А имаше секакви луѓе, некои од збор не се разбираа, иако Гоце и кон нив секогаш се однесуваше со почит, со љубов сакаше да им објасни сѐ што не им беше јасно.
Еднаш на некакво собрание избил спор со некојси Саракинов, и Саракинов му удрил плаканица на Гоце пред сите. Мислам дека ако тоа му се случеше, Сарафов би го застрелал веднаш. А што направи Гоце? Ништо. Тој продолжи да го сака Саракинов, сожалувајќи го што нема волја да се воздржи, и нема ум за да разбере дека ништо со тоа нема да се реши, а за тоа е криво семејството, нема од мајка си всадено чувство што ќе му ја заузда грубоста.
А Гоце имаше религиозен култ кон мајка си. Гоце ја обожаваше мајка си Султана. Тој веруваше дека мајката е посредник меѓу божеството и човекот, и дека таа зема честички од божеството и ги става во градите на рожбата. Бездруго токму нејзе тој ѝ ја должеше нежноста на своето срце. Гоце беше најмекиот, најразбран, најуважен соговорник за сите, за секого посебно. Седеше на миндер, крснозе, или на стол во аголот, а околу него млади, бунтовни луѓе:
’И јас можев да останам на должност, на работам и да ги тркалам деновите еден по еден, да го тргам животот, да веднам шија, да теглам и да робувам. Но читав доста и научив дека тоа е бесмислица и дека не е за мене таков живот. Во училиштето копнеев за човечка љубов, за слобода, пред сѐ, а неа нигде кај нас не ја гледав, не можев да ја најдам. Смислата на животот не ја гледам во тоа да јадеш, да живуркаш и да умреш. Тоа е како да не си се ни родил. Барав во книгите, барав во минатото, во животот на другите, многу барав и најпосле видов место каде што човекот може да најде слобода за себе, да биде безгранично слободен – а тоа е… во висините, кај орлите! Таму човек се чувствува како нив, го дише целиот воздух, живее независен од никого…
Сепак, тоа не е слобода за човек; тоа е слобода за орел. Сфатив дека за да дадам смисла на животот мора да слезам од орловите висини долу, на земјата, во селото, каде што има несреќни, буквално несреќни, а добри наши браќа што гинат и гнијат не само во една неволја туку во тешко ропство. Да одам кај нив, да ги прегрнам во душата, да ги стоплам со љубов нивните смрзнати срца, да им кажам да не се караат, да не се лутат, да не си пакостат самите на себе. Да се сакаат и да не одат пред турски судови туку сами, братски да ги решаваат споровите. Да не им робуваат на беговите. А за тоа треба не само да се заколниме дека ќе умреме, тоа е лесно, туку да се заколниме дека ќе живееме и целиот живот ќе го дадеме за тоа свето дело, за слободата на народот.“
Во записите на Шапкарев има сведоштво и за тоа кога Гоце дозволувал да доведат кај него и осудени грешници:
„Со својот питом поглед како да ја потресуваше душата на грешникот, како да ја прашуваше што згрешила. Ќе ја најде растреперената струна на слабата човечка природа и ќе рече: ’Ти простувам!’ Грешникот ќе се расплаче, ќе се обиде да му ја бакне раката, а Гоце му вели дека ќе треба да изврши ’ризичен подвиг за да видат селаните дека имаш во градите нешто добро, човечко, па кога ќе го видат тоа, ќе ти простат и ќе заживеат со тебе, ќе те прифатат како човек’.
Понекогаш се прашувам дали ако за време на Француската револуција бил во Париз, дали би бил на барикадите? Да, се разбира. Во првите редови. Гоцевата душа мечтаеше за слобода и за безгранична љубов меѓу луѓето. Гоце во душата носеше големо знаме – знамето на апсолутна слобода, на безгранична љубов, но со пушка на грбот, се разбира. Слободата никој не ја дава за џабе, велеше. Слободата мора да се освои.“