„Ванчо Михајлов“ е резултат на сервилната и понижувачка надворешна политика
- Пишува: Марко Петровски – Член на Црвена Младина и студент на катерата за меѓународното право.
Кога станува збор за надворешната политика на малите земји, како што впрочем е и Македонија, неретко знае да се каже дека, токму тие мали земји не се во можност да имаат силна надворешна политика.
Овој став е делумно точен, од причина што, иако малите држави не се во можност преку нивната надворешна политика да го достигнат светското влијание од типот на САД, Русија или Кина, сепак за токму тие мали држави, добрата дипломатија е единствениот начин како да се позиционираат на светската карта.
Така, единственото нешто за пофалба од осамостојувањето на Македонија, па се до доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беа напорите кои Македонија и македонските дипломати ги правеа во однос на признавање на државата под уставното име Република Македонија.
Имено, до Јануари 2017 година, 134 држави-членки на Обединетите Нации, ја признаваа Македонија под уставното име. Згора на тоа, четири од петте постојани членки на Советот за безбедност при ОН, исто така ја признаваа Македонија под уставното име.
Единствено Македонија не беше признаена од страна на Франција, поради агресивното грчко лобирање за време на мандатот на Николас Саркози. Но, светот на меѓународната политика е динамичен и постојано-променлив. Играчите се менуваат, па со добра дипломатија од наша страна, не беше недостижно и признавањето на Франција, како и зголемување на бројот на земји-членки на ОН кои не признаваат под уставното име.
Дополнителен тестамент за правичноста на Македонија во спорот за името, како и потврда за правото на Македонија да го користи своето уставно име, е и Пресудата од 5 Декември 2011 од страна на Меѓународниот суд на правдата, каде Судот се произнесе, меѓу другото, дека Грција го прекршила член 11, став 1, од Привремената спогодба од 13 Септември 1995.
Сумирано, на страна на Македонија беа 134 држави-членки на Обединетите Нации (што е приближно до две третини од сите држави во светот), сите постојани членови на Советот за безбедност при ОН (освен Франција) и меѓународното право.
Што се случи? Како дојдовме од признавање на 134 држави-членки на ОН и пресуда од страна на Меѓународниот суд на правдата, со која се афирмира правичната позиција на Македонија во спорот со Грција, да се сведеме на отварање на клубот Ванчо Михајлов во Битола, и преговори за идентитетот на македонскиот народ?
Трагедијата се случи на 31 мај 2017, со изгласувањето на Владата на Зоран Заев, како коалиција меѓу СДСМ и ДУИ. Така, тешкиот напор кој се вложуваше триесет години од страна на македонската дипломатија, Македонија да изгради меѓународни позиции, се фрли во вода кога за прв пат беше изговорено името Северна Македонија од страна на Зоран Заев.
Иако, меѓународната заедница и власта, Преспанскиот договор го прикажуваа како историски успех на македонската дипломатија, па со цел памет се продаваше траги-комичната приказна за Нобеловата награда за Заев и Ципрас, Преспанскиот договор беше се освен рамноправен договор и компромис.
Правната, како и општата логика диктира, за да има договор по однос на било што, потребно е согласност на волји на двете страни. Исто така, суштината на договорот е двете страни да бидат во подобра позиција него без него, да се изнајде win-win ситуација.
Во конкретниот случај, Преспанскиот договор беше се освен win ситуација за Македонија. Како може да се смета за компромис, ситуација каде едната страна безрезервно ќе ги прифати сите услови поставени од другата страна?
Победа за Македонија и македонската дипломатија, ќе беше кога ќе се најдеше начин да се тргне ветото за евро-интеграциите, и притоа да се задржи уставното име и достоинството на македонскиот народ.
Од сите тие отстапки што македонските политичари ги направија, за возврат добивме неспроведување на обврските од страна на Грција кои произлегуваа од истиот тој договор, и продолжување со понижувањето од страна на Грција.
Без разлика од тоа на која страна на внатрешно-политичкита дебата во Македонија некој стои, никој разумен човек не може да го негира фактот дека со ваквиот пристап на македонските политичари, се постави преседан дека Македонија ќе направи се, и ќе ги задоволи сите барања, без разлика колку и да се неразумни и апсурдни, во името на евро-интеграциите.
Следствено на тоа, која било држава да беше во позицијата на Бугарија, при ваков преседан за сервилен однос од страна на македонската дипломатија и државниот врв, ќе ја искористеше својата надредена позиција и ќе го направеше тоа што го направи. Тоа е така, бидејќи ако самиот не се цениш и почитуваш доволно, не можеш разумно да очекуваш тоа да го сторат и другите.
Но, најсмешно во целата оваа приказна е што, и покрај за прв пат големото национално единство во однос на третманот од страна на Бугарија, државниот врв и нашата веќе практично непостоечка дипломатија, повторно молчи и продолжува со нивниот сервилен однос кон Бугарија.
Затоа, потребен ни е не само итен прекин на преговорите со Бугарија, и раскинување на квази-договорот за добрососедство, туку и целосно редефинирање на македонската надворешна политика, како и заземање на цврст став во однос на сите прашања. Бидејќи, на крајот на денот, ако не се почитуваш самиот себе, никој друг нема да го стори тоа за тебе.