Битката за Тајван ќе го реши исходот на геополитичката војна помеѓу САД и НР Кина
- Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
Шефот на ЦИА Вилијам Барнс ја нарече Кина единствениот и главен геополитички предизвик за Соединетите Држави во XXI век. Факт е дека судирот помеѓу САД и НР Кина е неизбежен и дека светот стапи во нова Студена Војна помеѓу САД и НР Кина. Судирот помеѓу САД и НР Кина ќе се одвива на сите нивоа, почнувајќи од идеолошки, економски, воен, политички, технолошки, медицински, сајбер и во вселената. Во светот ќе бидат формирани два паралелни системи, како во времето на студената војна помеѓу САД и СССР. Исходот од судирот помеѓу САД и НР Кина од кој што зависи иднината на светот, ќе биде решен во Азија. Судбината на Тајван е од клучен аспект за исходот на тој судир.
„Кинеската Народноослободителна армија ќе преземе ефективни мерки за одлучно да потисне било каква форма на надворешно мешање и сепаратистички обиди за „независност на Тајван“ и решително ќе го брани националниот суверенитет и територијалниот интегритет на НР Кина“ – изјави портпаролот на кинеското Министерство за одбрана.
Ова е директна порака до САД да не се мешаат во внатрешните работи на НР Кина и да не го поддржуваат Тајван во неговите обиди за прогласување на независност.
Во моментот кога целото светско внимание е свртено кон војната во Украина, се заострува и реториката и ситуацијата околу Тајван и ситуацијата е блиску до ескалација. САД со своите потези свесно ја туркаат НР Кина да превземе воена акција за враќање на Тајван во родното пристаниште. Почнувајќи од времето на администрацијата на бившиот претседател Трамп, односите САД и НР Кина постојано деградираат и при новата администрација на претседателот Бајден.
28-ми февруари 1972 година помеѓу САД и НР Кина беше потпишано „Комуникето од Шангај“ кое што ги постави темелите на развојот на односите помеѓу САД и НР Кина. Оттогаш поминаа 50 години, но луѓето никогаш нема да ги заборават лидерите на двете земји, Мао Це Тунг, Џоу Енлаи, Ричард Никсон и Хенри Кисинџер, кои ги поставија темелите на кинеско-американските односи. Патријархот на американската надворешна политика, Хенри Кисинџер е главниот планер на „Комуникето од Шангај“ како и на зближувањето помеѓу САД и НР Кина, кое што им помогна на САД да победат во Студената Војна против СССР. Но денес односите помеѓу САД и НР Кина забрзано деградираат, а камен на сопнување е Тајван, како и битката за превласт во светот. И од поранешни сојузнуци, денес САД и НР Кина се главни непријатели на светската сцена.
Според Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на САД, САД ќе ги преземат сите можни чекори за да го спречат повторното обединување на Тајван со континентална Кина по воен пат. Официјален Пекинг одговори „Континентална Кина и Тајван дефинитивно ќе бидат обединети и покрај изјавите на САД. САД мора да ги прекинат сите официјални контакти со Тајван“ – Кинеското Министерство за надворешни работи.
Сенаторот од САД, Џош Хејли го предложи Законот за извоз на оружје за Тајван се со цел да се забрза постапката при која што Конгресот и администрацијата на претседателот даваат одобрување за продажба на оружје на Тајван. САД претходно ги одобри договорите за испорака на повеќе функционалните борбени авиони F-16 Viper, ракетните противвоздушни системи Patriot, како и противбродски ракети за Тајван. Од друга страна, од Пентагон изјавуваат дека „САД веруваат дека НР Кина и Русија имаат значителна воена способност и се обидуваат да го променат светскиот поредок заснован на американски правила“.
Деновиве, Американскиот нуклеарен носач на авиони Абрахам Линколн со ударната група изведуваат заеднички поморски вежби со Јапонските сили за самоодбрана во Јапонското Море. Целта на вежбите е задржување на пред се НР Кина, а потоа на Северна Кореја. Ова е прв пат после 2017 година американски носач на авиони со ударната група да влезе во Јапонското Море. Тоа доведе до пораст на тензиите во тој дел од светот.
Како резултат на американско-јапонските воени вежби, со изјава излегоа од Министерството за одбрана на НР Кина. „Кинеската армија ќе ги преземе сите неопходни мерки за одлучно да го запре надворешното мешање и обидите да се организира независност на Тајван“ – Министерството за одбрана на НР Кина. Два кинески носачи на авиони и четири од најголемите кинески модерни разурнувачи Type 055 беа забележани во близина на источниот брег на Кина во исто време кога американскиот носач на авиони на нуклеарен погон Абрахам Линколн и Јапонските поморски сили за самоодбрана изведуваа заеднички вежби во морето на Јапонија. Како одговор на американско-јапонските воени вежби, на 15-ти април, флотата и авијацијата на Источниот воен округ на кинеската Народноослободителна армија започнаа големи воени вежби во водите и воздушниот простор околу Тајван. Chengdu J-20, најмоќните кинески стелт-ловци од 5-тата генерација, почнаа да патролираат над источнокинеското и јужнокинеското море како дел од планираната вежба. Големите воени вежби на кинеската Народноослободителна армија во близина на Тајван се демонстрација на сила и доказ дека НР Кина е спремна за можен судир со САД и Јапонија, изјави на 15 април кинескиот воен експерт Сонг Жонгпинг, објави Global Times.
Според The Wall Street Journal, НР Кина го забрза своето нуклеарно засилување поради промената во проценката на кинеското разузнавање за заканата што ја претставуваат САД за НР Кина. Во НР Кина во тек на изградба се повеќе од 250 подземни специјални шахти за лансирање на интерконтинетални балистички ракети, плус започната е изградба на нови стратешки нуклеарни подморници опремени со нови интерконтинентални балистички ракети. Според проценките на ЦИА и Пентагон, НР Кина во моментот поседува околу 375 до 460 интерконтинентални балистички ракети со атомски боеви глави. Според пензионираниот генерал-полковник Виктор Есин (поранешен началник на Генералштабот на Стратешките ракетни сили на Русија), Кина има произведено до 40 тони ураниум за оружје и околу 10 тони плутониум само во старите познати воени постројки, што дава околу 1600 боеви глави од ураниум и околу 2000 боеви глави од плутониум, вкупно арсеналот на Кина може да достигне 3600 боеви глави.
Планот на НР Кина е до 2030 година да поседува околу 1 000 интерконтинентални балистички ракети кои што може да носат атомски боеви глави и да дојде до 70% од потенцијалот на САД. Во НР Кина, тајно е започнато производството на новите стратешки невидливи бомбардери Xian H-20, кои што ќе можат да носат тактички нуклеарни крстаречки и други ракети. Плус воено индустрискиот комплекс во НР Кина започна масовно производство на новите хиперсонични ракети DF-17, како и на цела палета кинески балистички и крстаречки ракети, наменети за ракетните артилериски единици, флотата како и за кинеската авијација. Според некои проценки, воено индустрискиот комплекс на НР Кина годишно произведува од 700 до 1 000 крстаречки ракети, и во оваа бројка не се вклучени балистичките ракети, кои што НР Кина ги произведува масовно уште од почетокот на 90-тите години на ХХ век. Според некои американски проценки, НР Кина во моментов располага со повеќе од 3 500 различни видови на балистички ракети со различен дострел, и повеќе од 10 000 крстаречки ракети. На бродоградилиштата ширум НР Кина во фаза на изградба се повеќе од 60 бродови од 1-ва и 2-ра категорија, како и нуклеарни стратешки и повеќе наменски подморници. Плус 2 носачи на авиони. Повеќе од јасно е дека НР Кина се подготвува за војна, а тоа уште пред две години го изјави претседателот на НР Кина, Си Џинпинг ја повика армијата да биде подготвена за војна и војската да не се плаши од смртта при заштита на татковината.