АктуелноЛокално

Денес се одбележува годишнината од убиството Јане Сандански

Денес, 17 април 2022 година, од 11.00 часот, во Горна Џумаја (денес Благоевград, Бугарија) на гробот на македонскиот војвода, револуционер и демократ Јане Сандански, ОМО Илинден Пирин и други македонски здруженија и организации ќе ја одбележат 107-годишнината од убиството на Пиринскиот Цар.

Од партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, повикаа на одбележување на настанот. Во споделеното соопштение тие велат:

„Поканети се сите членови и поддржувачи на македонските организации во Бугарија, жителите на Пиринска Македонија и добредојдените гости, да положат свежо цвеќе на гробот на Јане Сандански кај Роженскиот манастир.

ОМО ИЛИНДЕН ќе ги вложи сите напори за елиминација на стравот кај Македонците во Пиринска Македонија, како резултат на геноцидот, асимилацијата, тероризмот и агресијата на бугарските власти против Македонците христијани и Македонци мухамеданци во периодот од 1912 година до денес.

ОМО ИЛИНДЕН покрена иницијатива за изградба на Споменик на сите знајни и незнајни јунаци и борци на Македонскиот народ за независна Македонска држава, кој ќе претставува помен и спомен за геноцидот и асимилацијата од Бугарската држава врз Македонскиот народ во 19. и 20. век!

ОМО ИЛИНДЕН го осудува растечкиот неофашизам и национал-шовинизам во Бугарија против Македонскиот народ, поддржан од актуелните власти.

ОМО ИЛИНДЕН, врз основа на членот 20 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, бара законска забрана на сите бугарски национал-шовинистички, неофашистички и врховистички партии и здруженија во Бугарија и во Пиринска Македонија, кои вршат пропаганда за Голема Бугарија, пропаганда за војна на Балканот против Македонците, и создаваат тензија и опасност од насилство и крвопролевање на етничка основа!

ОМО ИЛИНДЕН инсистира, и за Македонците христијани и за Македонците мухамеданци во Пиринска Македонија и Бугарија, во нивните лични документи (извод од матична книга на родени, матична книга на венчани и матична книга на умрени) и сите други јавни исправи да се впиши графа за етничката припадност – МАКЕДОНЕЦ/МАКЕДОНКА!“