Во период од три години Општина Куманово потрошила 1.941.680,00 денари за алкохол, кафе, чај, чоколадни бомбони

  • Реакција на Левица Куманово

Според податоците објавени на официјалната веб-страница на Општина Куманово, за потребите на општината во последните 3 години од буџетот се издвоени 1.941.680,00 денари или 31,572 евра народни пари за кафе, чај, освежителни пијалоци, алкохол, чоколадни бонбони итн.

Конкретно, од 2019 до 2021 година, Општина Куманово склучила договори за набавка на:

-395 литри алкохол (виски, бренди, жолта лозова, трпезно црвено, трпезно бело)-940 килограми кафе арабика робуста и еспресо-110 килограми чоколадни бонбони со фин лешник-160 килограми бадеми, лешници, фстаци, ореви од прва класа-920 килограми шеќер-1100 литри млеко-880 кутии разновидни чаеви итн.

Во просек на годишно ниво потрошени приближно 11,000 евра пари на граѓаните во Куманово. Но тоа не е се’… Имено, согласно Измената и дополнувањето на годишниот план за јавни набавки за 2021 година проценетата вредност за јавни набавки била корегирана во нагорна линија, со што од 11,000 евра се зголемила на над 13,000 евра без ДДВ.

Ако се анализираат податоците одделно по години, ќе видиме дека најголема количина на алкохол била набавена во 2020 година, односно во време на корона кризата. Во таа година биле набавени дури 150 литри алкохол, што е за 35 литри повеќе од 2019 година.

Доколку се земе во предвид цената на бонбоните по килограм, ќе видиме дека во последните три години таа била зголемена повеќе од три пати или од 683,00 денари по килограм во 2019 година „пораснала” на рекордни 2.035,00 денари по килограм во 2021 година. Останува да почекаме и да видиме овој „бонбона бизнис” колку ќе ги чини граѓаните во 2022 година!

Прва класа бадеми, лешници, ф’стаци, ореви во 2019 година биле купени по цена од 1.155,00 денари по килограм.

Ова е типичен пример на тоа како институциите не треба да се “расфрлаат” со народни пари! – Ваквите непродуктивни и недомаќински трошења мора да престанат.

Сметаме дека е потребно средствата на граѓаните да се вложуваат во корисни и продуктивни цели, во капитални инвестиции, во креирање на нови работни места, модернизација на застарениот капитал, создавање на човечки капитал итн., а се’ со цел подобар животен стандард и подобри услови за живот за сите.

Потребна е поголема одговорност и отчетност за тоа каде и за какви цели се трошат народните пари!