Оливера Наковска-Бикова е европска шампионка во стрелаштво
Македонската параолимпијка Оливера Наковска-Бикова, го освои златниот медал на ЕП во стрелаштво, кое се одржува во Норвешка ( во градот Хамар), во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.
Во возбудлива финална серија, во конкуренција на осум натпреварувачки, таа погоди 232,3 круга. Второто место и припадна на Турчинката Ајсел Озган со 231,5 круга, а трета беше нејзината сонародничка и сопственичка на европскиот рекорд (237,7) Ајсеѓул Пехливанлар со погодени 210,4 круга. Наковска-Бикова во денешните утрински квалификации заврши како трета.
Ова не значи обезбедена норма за Параолимписките игри во Париз 2024, но е за пласман на СП во ноември годинава, каде што ќе се пука за место во француската престолнина.
Кај мажите Александар Јовановски во квалификациите го освои десетото место и му недостигаше само еден круг за и тој да се најде во финалето. Третиот македонски натпреварувач Ванчо Каранфилов го освои 19-то место.