Божидар Дебењак – Производство на петте сетила
„Што значат Марксовите зборови дека производството на петте сетиле е дело на целата човечка историја? Тие Марксови зборови изгледаат мошне компликувани. Но, прво – знаеме дека сето она што нам ни се допаѓа, доаѓа до нас со посредство на кое и да е од петте сетила, и дека фактот оти нешто ни се допаѓа не е вечен, туку условен од историски процес. Во тоа да се увериме треба само да се земе Дарвиновата книга за изразувањето на емоциите. Птиците, вели Дарвин – уште сосем малечки имаат подобар осет за музика од различни дивјаци. Ние, што сме одрастени во време кога музиката на таканаречените дивјаци е една од основните на модерната музика и кои уживаме слушајќи го она што на Дарвин никако не би му се допаднало (а, од друга страна, и нам ни е пријатно пеењето на птиците), сега веќе нема да кажеме дека примитивните црнечки племиња во Гана немаат чувство за музика, туку токму спротивното.
Тоа значи, од времето кога пред сто и неколку години и Дарвин пишуваше за човечките чувства, за тие сто и неколку години, нашето сетило за слух толку се променило што ни е убаво она, и ни е пријатно она што не му било убаво и пријатно на Дарвин. Тоа ни покажува дека во историскиот процес уште како се менува нашиот однос спрема она што го слушаме, нашиот однос спрема она што го гледаме. Значи, човечкиот однос, односот на луѓето спрема она што го слушаме, што го гледаме, пиеме, многу се менува, не останува константен туку се менува, доживува значајни измени. Тоа е едната од страна на прашањето за развојот на производството на петте сетила.
А и битна е и втората страна на тоа прашање. Ако ние, на пример, гледаме денес телевизија, гледаме всушност нешто што е очевидно произведено. Сликата што се јавува на екранот, физички земено, е нема имитација, она непрекинато цртање, движење на точките на екранот не го гледаме – го гледаме само оној привиден резултат што е создаден за нашето око да ја види сликата. Нашето око си задава слика. Но, од друга страна, тоа значи дека нашето око е она кое барало да се создаде таа мамка како на филмот – каде што човечките слики ни создаваат илузија на движење, а, тука, на екранот, гледаме цела слика, но, всушност, гледаме само движење на светлечки точки, нашето око си ја создава онаа оптичка мамка и телевизијата како човечки продукт е конструирана таа оптичка мамка да ни ја создава.
Но, од друга страна, пак со помошта на таа оптичка мамка, нашето око сега може да го гледа не само она што е пред нас, туку можеше да го гледа и директниот пренос на војната во Виетнам, додека таа војна уште траеше, можеше директно да ја гледа Месечината. Тоа значи, дека нашето око сега гледа нешто друго и многу повеќе, подлабоко и подалеку од она што го гледа окото само за себе. Тоа е едно помошно средство со чија помош нашето око, окото на секого од Нас, може да го посматра она што не би можело никогаш самото да го постигне. И со тоа и нашето око е производ на нашиот продуктивен живот. Затоа, нашето око сега достигнува и во Виетнам и на Месечината и во морските длабочини со посредство на човековиот живот. Или: да ги земеме за пример боите.
Колку бои гледаме? Колку бои гледа секој од нас, а колку сликарот? Сликарот гледа стотици и стотици бои и нијанси, толку колку што ги гледа толку знае и да ги именува. Нашата „жолта боја“ нему не му е жолта боја, туку му е цитрон, кадмиум, хром, јајце и т.н. И сега таа палета од бои настанува како резултат на човечката историја. Тоа не го измислил поединец. Секој од големите сликари на минатото додал на таа палета две-три бои, па денес ги има толку, и сликарот и познавачот препознаваат на илјада бои. А, од друга страна, има едно племе на Индијанци кое има само еден збор за сината и зелената боја – заедно. За нив разликата меѓу синото и зеленото јазички е слична на нас, на пример, меѓу црвеното и црвеното – едното е црвено и другото е црвено.
Тоа значи, колку нијанси и бои ќе види човек – тоа е производ на историјата, тоа не е дадено однапред и „природно“. Тоа не е нешто со што се раѓаме, туку го научуваме. Дете од две години мора да знае толку и толку бои, ако е нормално развиено, ако нормално го презема она што е човечко искуство. Ако му се затворени вратите до човечкото искуство, тогаш детето не знае да ги каже боите, не знае да каже – тоа е жолто, тоа е зелено, тоа е сино. Тоа значи – тоа е наше заедничко човечко искуство. А тоа искуство е најбогато таму каде што самите произведуваме нови облици, каде што самите со тоа наше производство го збогатуваме тоа искуство.
Сликарот знае двесте, триста, петстотини, илјада различни бои, зошто сликарите се тие кои со мешање на разни бои произведуваат нови бои, коишто подоцна ги презеде индустријата, која, исто така, со мешање, а и со синтетизирање ги произведува тие различни бои. Затоа што ги анализираме и затоа што ги произведуваме, затоа и ги знаеме. И така со продукцијата се збогатува човечкото искуство, така во продукцијата ги развиваме и збогатуваме нашите сетила, а, исто така, в општествениот живот можеме – ако сме под сега на класниот поробувач – и да ја загубиме таа можност и да станеме и во тој однос посиромашни, да бидеме без тие можности. Тие можности како човечки можности постојат, но не за мене, за тебе, за него, ако животните околности, положбата во конкретното општество, не ни дозволуваат да ја збогатиме таа своја личност, да дојдеме до тоа човечко богатство.
Тогаш, на пример, јас како поединец, не можам сето тоа богатство на човечкиот род да го земам како свое богатство, како богатство кое е и за мене и мое, туку е тоа некое туѓо богатство, кое за мене е недостапно, зашто јас немам ни зборови, ни сетила, за мене се е сиромашно, како што било пред тоа богатство да е создадено.
Така доаѓаме до една димензија на класното општество, за која токму во социјализмот и комунизмот мора многу да се зборува! Во неколку збора на крајот ќе кажеме и за тоа, но тоа е една голема тема, една голема задача на комунистичката револуција – да ја овозможи онаа еднаквост на човечкиот род, онаа еднаквост на шанси, еднаквост во партиципацијата во општочовечкото духовно и сетилно богатство.
Сите тие бои, сите тие звуци, сето тоа сетилно богатство е развиено, на начин кој е специфичен за човечкиот продуктивен живот. Ние можеме да го дознаеме она што можеме да го произведеме – колку повеќе произведуваме, колку продукцијата е подиференцирана, толку повеќе е диференцирано нашето знаење. Нашето сознание не е чисто посматрање, туку е активен процес – она што го правиме, што ќе го направиме, тоа и го сознаваме. Ние посматраме, тоа се знае, но самото посматрање не може да го произведе нашето сетило за вид, кое гледа илјада различни бои.
До тоа доведе посматрањето заедно со продукцијата, која, имитирајќи ја природата, го произведе секој резултат на посматрањето, но, и уште едно чудо други облици, кои дури тогаш можеа да станат предмет на посматрање од како беа произведени. Сето тоа богатство, на пример, богатството на синтетичко анилинските бои и т.н., сите тие можности се создадени во индустријата.
Тоа се примери како нашите сетила се произведуваат, како се создаваат нашите сетила во процесот на производството.“
- Божидар Дебењак „За историскиот материјализам – Филозофија на основи на марксизмот“, Комунист, 1977 – Скопје.