Транспарентноста во Општина Свети Николе далеку под потребното ниво

  • Реакција на Левица – ЛО Свети Николе.

На осмата редовна Седница на Советот на Општина Свети Николе, од страна на владејачкото мнозинство беше усвоен годишниот Извештај за информации од јавен карактер, кој во себе содржи бројни грешки и недостатоци.

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, извештајот до Комисијата се поднесува до 31 јануари, додека во Свети Николе овој извештај до советниците беше ставен на дневен ред на 10 февруари. За ситуацијата да биде уште полоша Општината овој извештај го доставила без одобрение од Советот.

Според извештајот, што се однесува до реактивна обврска на имателите на информациите, наведено е дека Општината има одговорено позитивно на сите барања за информации од јавен карактер, иако праксата покажува дека ова не е точно, а и голем дел од одговорите кои ги дава општината до граѓаните и ги оценува како „позитивно одговорени“ се нецелосни.

Во истиот овој извештај не содржи ниту една информација за одговор од Општината по усно поднесено барање од граѓаните.

Што се однесува до проактивната обврска на имателот на информацијата, Општината има доставено извештај во кој недостигаат половина од областите (базите) на информации кои таа треба да ги направи јавно достапни за граѓаните, што го намалува нивото на транспарентност за 50%.

Додека пак во другата половина на бази на информации која е дадена во извештајот, во голем дел поставени се целосно погрешни информации или пак линкот ќе ве одведе во базата, но таму за период од десетина години можете да најдете само неколку информации.

Согласно овој извештај, нивото на транспарентност во Општина Свети Николе може да се оцени дека е на ниво под нулата.