АктуелноЛокално

Апасиев до Ковачевски: Вие потекнувате од омразената црвена буржоазија и династискиот систем на владеење во СДС

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица на денешната седница во Собрание истакна низа критики за новиот состав на Владата, при што изјави дека иако Заев си заминува, заевизмот останува. Тој во својот говор кажа повеќе поенти, при што се осврна на тоа дека дека оваа Влада има тенденција на “џандарнизација” чиј мандатар не освоил легитимитет на избори и дека ДУИ спроведува бинационален грабеж, преку дејтонизација на државата.


„Мојата дискусија, почитуван мандатар, ќе ја поделам на два дела бидејќи старите добри комунисти велеле „нема друга политика освен кадровачка политика”. Ќе ја поделам на кадровски и програмски дел.

Во кадровскиот дел ние имавме еден извик во шарената револуција “ружна ви е владата”. Значи шарената револуција, која не беше предавничка, туку вие ја предадовте и која СДСМ ја уништи надежта дека може подобро утре, останува едно мачно чувство дека Заев си отиде, ама заевизмот останува. Имате една тенденција на џандарнизација на владата и не знам зошто Оливер Спасовски го задржа местото, овој скандал-мајстор? Дали затоа што нè направи познати по пасошите на нарко-картелите или по тоа што го заобиколи Парламентот со носење правилник да регулира материја “легис”. Меѓутоа, не само тој што тој ја појачува позицијата, иако ве скара со Максо и изгубивте онаму каде што бевте бастион од каде што и вие доаѓате, туку сега си ја носи и неговата “десна рака” – Славјанка Петровска и колешката Грковска, која што доаѓа исто така од МВР.

Значи, таа е едната тенденција која што ја правите и другата тенденција е оваа симбиотичка врска која ја има помеѓу Бисера (скафандер) Костадиновска и оваа од Труд – Јована Тренчовска, која што го направи владиното прикривање за био-тероризам. Тоа беше клучниот доказ во Обвинителството, извештајот на Државниот инспекторат за труд. Бисера на големо достигнување во животот ѝ е тоа што била преведувач на Фуере и на Нано Ружин. Толку можеме да извлечеме од нејзиното CV.

И тоа ве води во онај лилипутантски синдром што вие како СДС, како владеачка партија си го нудите. Преку таа “алаш-вериш” лузерска тактика на овој од Горни Милановац каде што само пораз до пораз носите. Пораз со Грција, каде што од Македонци станавме северномакедонци, еве го поразот од Бугарија каде што нема да постои македонскиот јазик или ќе постои со некоја фуснотичка и пораз, ако сакате, и од ДУИ и од Алтернатива. Имено, тие немаат ниту една четвртина од мнозинството, а имаат преку една третина од ресорите плус спикер. Значи, вие како владејачка партија мора да дојдете на баци-рака кај спикерот за да си закажете седница, бидејќи знаете дека по нашето уставно уредување, спикерот е многу моќна позиција. ДУИ и Али Ахмети до сега искина осум македонски премиери, а вие ќе бидете за жал деветтиот.

Следната тенденција која што се гледа, а ние што мислевме дека конечно ќе ја одлепите, а тоа е НЏО-изацијата, значи сијамскиот близнак на СДС. Ја снема Мила Царовска, но останаа Маричиќ и Груби како паднати ангели на Сорос, кои се претворија цицачи на новиот хибриден режим. Додека овие владини загари врескаат за некакво руско влијание, земјата ни стана заробена држава во група со Сенегал, Мозамбик и Пакистан, додека овие фејсбук милиционери на мислата и овие ЕУ и НАТО фундаменталисти не ги вадат западните вредности од уста, на нас ни се испразни државата. Со овој НВО говор, додека летате орли, секое второ дете родено од Полог се раѓа во Швицарска. Во вашата Шипковица, каде што ви беше штабот во 2001-ва, во 80-ти и во тој србокомунизам кој го зборувате, имало 130 првачиња за да во 2020, после 20 години власт на ДУИ има само 10 првачиња. Значи вие, не само што правите зулум кон Македонците, плус си го опресирате и сопствениот народ.

И конечно, треба да се отворат горливите прашања кои секако ги ставаме под појас, а тоа е дека иако навидум (јас кажав дека биографиите на кандидатите од ДУИ се пошколовани од кандидатите на СДС, за прв пат во поновата историја), тоа што сте дипломирале, магистрирале во Лондон, Рочестер, во Виена, не сте успеале да излезете од тој етно-трибализам и од тој национал-шовинизам. Вие создадовте либанизација – концепт на дејтонизација и бејрутизација на Македонија. Ова не го тврдам јас, го тврдат истакнати политиколози од Германија. Создадовте образец на бинационален грабеж. Вие воведовте од 21 ресор, 11 да се Македонци и 10 аАбанци. Ова е рамковна тиранија на малцинството и тоа мора да биде кажано со вистински зборови.

Го разградувате парламентарниот систем, воведувате башибозук-демократија. Ние сме полупротекторат на подкосовски протекторат, воведовте паралелна држава во држава, воведовте апартхајт каде што младите Македончиња и Албанчиња немаат елементарен контакт. Тоа е вашата иднина за Европа и вашиот светоглед.

Сега доаѓаме до негативната селекција, која што е тренд во СДС и да си направиме со мојот колега професор искрен левичарски муабет, мандатарот кој беше, реално гледано, анонимус во јавноста. Вашетодвижење професионално се движи од менаџер до бизнисмен, па до професор, меѓутоа не можеме да го оддалечиме фактот дека потекнувате од таканаречената омразена црвена буржоазија и тој династиски систем на владеење во СДС – по принципот ”наше дете”. Вашиот татко бил висок кадровик во СДС и по тој принцип, така фунционира СДС во овие три децении. 

Од вашата фризирана биографија за првпат дознав дека Харвард имал дисперзирани студии во Подгорица. Црногорскиот универзитет, за жал заедно со нашиот УКИМ, ги нема на Шангајската листа, меѓутоа тој е неколку стотини места позади скопскиот УКИМ. Работите на „Американ Колеџ”, кој е деветто рангиран во Македонија со прашалник дали ги исполнува законските услови од миниум 10 редовно вработени професори. И она што класно мораме да го кажеме, вие не сте репрезент на средната класа којашто социјал-демократијата ја застапува, бидејќи вие сте отворено капиталист, вие припаѓате во елитата (во тие 1%) по вашето богатство.

И, на крајот, ќе завршам со програмскиот дел. Цело време се зборува за легалитетот и легитимитетот – а вие легалитет имате, но легитимитет немате! Легитимитет не се стекнува со калашникови, туку со гласови; не се стекнува со киднапирање пратеник, туку се стекнува со излегување на избори. Ве барав во 120-те пратеници понудени на минатите Парламентарни избори, вас ве нема!?Дури тројца носители на изборни единици – Шеќеринска, Димитров и Касими – ви се одметнаа, тоа значи вие легитимитетот кој го добивте на парламентарни избори, го немате.

Она што го вика Цицерон ‘legitimum imperium – вие го немате, туку го имате она што го вика Тома Аквински ‘tiranica usurpatio’. Вие сте узурпатор на тронот, политиколошки гледано, бидејќи доаѓате на најмоќната позиција без да дојдете на избори. И на крајот, со тоа ќе завршам, вие водите антинародна и антиработничка идеологија. Само за потсетување, зборот ‘работници’ во програмата ви е спомнат шест пати, а зборот ‘бизнис’ над 60 пати и од тука се знае каква ќе биде оваа Влада.”