По претставка од Левица Управниот инспекторат ја казни Собраниската архива
- Соопштение на политичката партија Левица.
Државниот управен инспекторат, постапувајќи по претставка за вонреден инспекциски надзор поднесена од пратениците Апасиев и Крмов, утврди недоследности во работењето на Архивата на Собранието на Република Македонија.
Станува збор за многубројните „исчезнати“ и неевидентирани амандмани кои пратениците на Левица ги поднесоа на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, уште во јули годинава.
Утврдено е дека вработените службеници во собраниската архива не смееле да не ги примат поднесоците само затоа што не го користеле називот „Северна“, туку користеле „Република С. Македонија“! Со волунтаристичкиот чин на одбивање на прием, кој го извршиле по наредба на претпоставените Талат Џафери – претседател на Собранието и на Цветанка Иванова – генерален секретар на Собранието, тие ги прекршиле законските правила за канцелариско и архивско работење и не извршиле службено дејствие кое морале и биле должни да го извршат – прием, заведување и проследување/достава на пратеничките поднесоци.
Против архиварката Виолета Ангеловска, Управниот инспекторат поднел Иницијатива за дисциплинска одговорност за сторена дисциплинска неуредност („неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи“), а раководителот на Писарницата, т.е. Одделението за канцелариско и архивско работење – Иљбер Имери е писмено опоменат за преземање на мерки и дејствија за отстранување на недостатоците утврдени на записник.
Сакаме да ја известиме јавноста дека секое идно незаконито дејствие на Службата на Собранието на РМ (Собрание на Република Северна Македонија) ќе биде навремено пријавено и санкционирано од страна на нашите двајца пратеници до соодветните инспекциски служби.