Левица: Владата штити фирма од Косово која со месеци не исплаќа плати на вработените
- Реакција на Политичката партија Левица.
Веќе четири месеци Локалниот Огранок на Левица – Гостивар активно пишува за проблемите на вработените во „Радика Ресорт”, поточно за нередовното примање на плата. Вработените своите месечни примања знаат да ги добијат дури и по три месеци доцнење, често пати истите остануваат и без здравствено осигурување. Надлежните институцции се глуви на нивните жалби и барања.
Како што во неколку наврати напоменавме, Општина Маврово и Ростуше пред повеќе од два месеци издаде Решение за отстранување на деветте нелегално изградени викенд куќи, за да, во меѓувреме, владината комисија донесе одлука да не се рушат истите.
Информациите кои пристигнаа до нас укажуваат дека сопственикот на компанијата „Радика Ресорт” од Косово, Шериф Рамука и фирмата која ги гради објектите се во блиски односи со владејачката ДУИ. Имено, газдата на фирмата кој гради бил и висок функционер од редовите на ДУИ во Гостивар.
Оттука, можеме да заклучиме дека криминалната влада на СДС и ДУИ работат исклучиво во интересите на олигарсите и капиталистите, а спротивно на интересите на обичните граѓани.
Барањата на вработените во Ресортот се јасни и едноставни, истите бараат само да бидат заштитени од органите на државата и своите примања да ги добиваат редовно, согласно законите, кои очигледно не важат за функционерите од ДУИ. Месецот одминува, а вработените сè уште ја немаат добиено платата за ноември месец.
Ваквото грубо кршење на законите во заштита на градежната мафија е олицетворение на владеењето на криминалната коалиција СДС-ДУИ, кои единствено ги штитат бизнис – интересите на своите соработници.