Крмов: Заев има прифатено отстапки со Бугарија кои се надвор од резолуцијата
Во вчерашната дебатна емисија на „Канал 5“ телевизија, пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов, зборуваше за односите помеѓу Македонија и Бугарија и актуелната политика која ја води моменталната Влада.
Во дискусијата тој истакна дека за дел од процедурите кои ги води извршната власт, потполно го заобиколува законодавниот дом, со што создава простор за маневри и целосна недоверба во нејзината работа.
Имаме интерпелација на претседателот Џафери, и, тоа се заобиколува во Собранието… Ако има потреба тогаш сум сигурен дека тие пак ќе се обидат да заобиколат. И, ако го слушате Кирил Петков еве и Радев, тие убаво кажаа дека сакаат уставот да се отвори. Значи вие кога веќе ја отворивте (како што кажа и премиерот) „Пандорината кутија”, сега сите ќе бараат сè што сакаат ние да вметнеме во Уставот, додека од другата страна нема никаков реципроцитет!“
Зборувајќи за потребата од развивање на добрососедски односи, Крмов изјави дека подржува таква политика, но нагласи дека не може да се гради добрососедство доколку другата страна ве негира.
Да, и јас сум за отворање мостови, ама не можете вие кога некој од друга страна ве негира, кога настапува со негаторска и шовинистичка политика, да правите мостови на тој начин (ако ме разбирате). Јас сум сигурен дека премиерот и владата имаат прифатено работи кои што се надвор од резолуцијата, кои што се за жал не знаеме, за кои немаме никаков отчет! Тие трчаат по тој датум за преговори како кој знае што да е.“
Моменталниот курс на надворешна политика, пратеникот го спореди со оној од пред неколку години, за време на преговорите со Грција. Крмов смета дека „Преспанскиот договор“ е НАТО договор, а приказната за евро-интеграции, власта ја користела само за да манипулира.
Тоа е еден вид да ја оправдаат на некој начин жртвата од Преспанскиот договор (пошто тогаш повеќе се правеше спин дека наводно “Преспанскиот” е за евро-интеграции а не толку за НАТО, па всушност излезе дека нема врска со евро-интеграции. Така да, имате и еден очаен народ, еден сиромашен народ, на кој што треба некоја коска политичка да му се фрли, па после со тоа да се иде на избори. За жал мислам дека СДСМ се спремни сè живо да прифатат. А само погледнете сами се ставаме во изолација и сами си ги уништуваме преговарачките позиции со тоа што инсистираме на европската унија по секоја цена дека ние немаме алтернатива.“
На крајот од излагањето Крмов ја посочи политиката на соседна Србија како позитивен пример, како држава која соработува со повеќе страни, без ограничувања, за добробит на своите граѓани.
Еве погледнете ја само соседна Србија! Соседна Србија преговара со Русија, има најевтин гас во регионот (можеби и пошироко), преговара со Кина, преговара со Неврзаните и паралелно отвара поглавја од ЕУ! Што значи можело! – Значи може! Додека ние се самоизолираме, си ја влошуваме состојбата и на крај за жал се плашам дека не чека еден нов сличен договор на „Преспанскиот“ кој што ќе пробаат да го пробуткаат во собранието, на сличен начин како што беше претходно.“