Темна дупка на југот од Европа
- Став на Игор Димески – Член на ЦК на Левица и советник во Општина Центар.
Години на назад се провлекува прашањето, каде оди Македонија од аспект на енергетска независност?
Прашање кое беше од круцијално значење за опстанокот на републиката, се додека не не’ стигна бруталната реалност дека веќе е касно за одговор, популистички го експлоатираа десетици „експерти” од владејачките структури претходните 30 години.
Велам „беше” бидејќи, ако се знае дека, независноста, суверенитетот и опстанокот на една држава во најголем дел зависи од нејзината енергетска независност, тогаш можеме да заклучиме дека Македонија денеска е неодржлива и нефункционална држава.
Да ги занемариме другите важни аспекти кои ја подриваат основата на државата и нејзиното нормално функционирање, како што се катастрофалната внатрешна политика која е резултата на рамковниот договор и криминогеното владеење на сите гарнитури кои досега владееле со Македонија, како и катастрофалната надворешна политика на безалтернативност и потпишувањето на штетните договори со соседите и да се фокусираме на темата енергетска независност, бидејќи на оваа тема не помагаат средби и договарања од типот на Пржино или Мајски договор, па под притисоци на „странските ни пријатели” да се пронајде некое „решение”.
На оваа тема нема политички компромиси и „рамковни” решенија.
Оваа тема бара визија, знаење, одлучност, транспарентност и чесност, кое за жал не го видовме од ниту една владејачка гарнитура од осамостојувањето, па до денес.
Поради „безалтернативност” на патот кон НАТО и ЕУ го испуштивме рускиот гас, а за тоа да се случи, за возврат, „странските ни пријатели” им дозволија на нивните вазали (читај нашите власти) да ја пустошат државата без да имаат никаква одговорност.
Пари се трошеа само на проекти каде има добар профит за лично богатење. Од стиропорни фасади до пари за тренирање магариња, но никако во клучни енергетски објекти, бидејќи во тие инвестиции личните провизии се минорни.
Криминогениот памет на вазалите знае да есапи кога се работи за личен џеб. Зошто би вложиле 1 милијарда евра во Чебрен и Галиште и на нив да не земат провизија, кога таа милијарда би ја вложиле во фасади, иновациски фондови, „невладини” организации, рецепти за пица и други „профитабилни” проекти од каде повратот во личниот џеб е одличен.
Е сега, кога не стигна енергетската криза, поради нивната безидејност, алчност и разбојништво, вината се бара секаде само не таму каде што и реално е.
Крива и е ЕУ и нивните сертификати за екологија, крива им е Русија и нивната политика за нивниот гас, криво им е времето оти не врнело па немало вода во акумулациите, криво им е времето што врнело па ги поплавило ископите за јаглен, народот им и крив што не штедел и еден куп небулози.
Не така другари и другарки!
За ваквата ситуација во која се најде Македонија има генеза на настаните и виновниците имаат име и презиме.
Едните потрошија 1 милијарда евра на фасади и споменици, а другите потрошија 1 милијарда евра за „ковид мерки” и тренирање магариња, а никој од нас смртниците аир не виде.
Еден скршен денар не е вложен во стратегија и проекти за енергетска независност, а трагедијата е што, како стојат работите, се нема намера ни да се вложи.
Поголем приоритет за нашите власти е да се губи време и пари за стратегија и проекти за ослободување од пластичните кеси за на пазар од колку за проекти за енергетска независност на државата, чунки ние Норвешка сме па тоа ни е клучниот проблем.
Потребен е генерален ресет на системот кој сега владее и тоа час поскоро, одма.
Потребно е под итно да се напушти политиката на „безалтернативност” и да се побараа помош од земјите во подем да ни помогнат во изградба на клучни енергетски објекти.
Потребно е наредниве 15 години државата да вложи 15 милијарди евра во објекти за производство на базна електрична енергија и електрична енергија од хидро потенцијал.
Нека не ве плашат високите бројки. Само оваа зима, безидејноста и некадарноста на кадрите поставени од власта, државата ќе ја коштаат пола милијарда евра, а нема да имаме изградено ниту еден енергетски објект. Така да, без визија и стратегија, за 15 години ќе потрошат пола од парите кои ви изгледаат многу, а Македонија пак ќе биде без нов стратешки производствен енергетски објект.
Да ве потсетам, се што троши власта народот го плаќа.
Ако троши домаќински и во вистински проекти, тогаш народот добива бенифит, но ако троши како шо троши последниве 30 години, тогаш резултатот е денешниов, го гледаме, ама и допрва ќе го осетиме.
Во моментов сме темно сива дупка на југот на Европа која со забрзани чекори ита да стане темна дупка на југот на Европа.
П.С. Прошуркајте низ подруми и мудбаци и побарајте од старите газиени ламби.
Не дека ќе нема струја, но ќе е толку скапа што вареното кафе, на рингла, ќе не кошта како да сме го пиеле летово во некој бар на лежалка на плажа.