Навршуваат 103 години од Битолскиот конгрес за стандардизирање на албанската азбука
„Од 14 до 22 ноември 1908 година во Битола се одржал конгрес кој има големо значење за албанскиот народ. Овој конгрес се одржал со цел да се постигне договор околу албанската азбука, прашање околу кое имало доста разногласици помеѓу албанските дејци во тоа време. Потребата од унифицирање на албанската азбука особено се актуелизирала по победата на Младотурската револуција, кога почнал развојот и проширувањето на албанските училишта, а со тоа се јавило и потреба од текстови и литература на мајчин албански јазик за децата.
(…) Имено, на конгресот учествувале 52 делегати, од кои 32 имале право на глас. Сепак, на конгресот не присуствувале само овие делегати. На него вкупно биле присутни до 400 луѓе, меѓу кои, покрај Албанци, имало и Македонци, Турци, Грци, Власи и други. Овој едноставен фактографски податок всушност кажува две важни работи: прво, дека албанските дејци не сакале да се „затвораат“ во национални рамки и, второ, дека имало луѓе со друга етничка идентификација кои сметале дека треба со своето присуство да му дадат поддршка на конгресот.
Усвојувањето на азбука на еден јазик не е важно само од гледна точка на националните интереси на народот што го зборува тој јазик, туку е и општоцивилизациска придобивка, зашто на тој начин се овозможува ширење на писменоста и на културата. Се разбира, имало и такви кои различно размислувале и на работите гледале исклучиво националистички. Секогаш ги имало. Но, тоа не го негира и постоењето на луѓе со отворени погледи кои не тргнуваат од тесногради националистички позиции.
Присуството на не-Албанци на конгресот на албанската азбука, од своја страна, е и критика за денешниот албански и друг национализам. Критика е на албанскиот национализам, бидејќи албанските националисти исклучиво го толкуваат Битолскиот конгрес од гледна точка на неговата важност за Албанците како етнос без воопшто да се осврнат на неговата важност од општоцивилизациски аспект. Истото го прават и останатите националисти, кога, во најмала рака, зловолно толерирајќи го историскиот факт на одржувањето на Битолскиот конгрес, го проценуваат него единствено од гледна точка на неговата важност за албанската кауза. Ако работите не се проценуваат низ призмата на „националното“ (а што е типично за националистите без разлика на нивната етничка идентификација) особено на битолчани треба да им биде мило што еден настан од општоцивилизациски аспект се случил во нивниот град.
- Извадок од книгата „Нацијализмот во(н) контекст – Соработката на Албанците и Македонците од Илинденското востание до Народноослободителната војна“