Преку иницијативата „Појас и пат“ Куба и Кина договорија енергетско партнерство
Во понеделникот Куба го официјализираше својот влез во иницијативата за енергетско партнерство на кинеската иницијатива „Појас и пат“, за изградба на меѓународна мега-платформа за соработка и размена според принципот на заеднички профит.
Кубанскиот амбасадорот во Пекинг, Карлос Мигел Переира, ја истакна важноста на иницијативата и соработката во енергетскиот сектор. Тој потенцираше дека колективната работа може да ги надмине предизвиците со кои се соочуваат земјите во развој ширум светот.
Амбасадорот исто така, ја ратификуваше заложбата на Карибската нација да придонесе за одржлив развој. Тој ги покани кинеските компании, институции и останати економски авторитети, да работат на полиња како што се промовирање зелена енергија и инклузивен пристап до енергетски услуги.
Министерот за енергија и рудници на Куба, Ливан Аронте, кој виртуелно учествуваше на свеченоста, се осврна на мерките усвоени од кубанската влада за развој на обновливите извори на енергија, промоција и ефикасно користење на овие ресурси, со цел постигнување енергетска независност во оваа област.
Аронте смета дека е неопходно да се поттикне меѓународна соработка и солидарност во корист на земјите во развој, за да можат да се соочат со предизвиците на современиот свет и исполнат целите за одржлив развој, поставени како заедничка цел на сите земји, од страна на Обединети Нации. Тој исто така го осуди влијанието на економската, комерцијалната и финансиската блокада од САД кон Куба, кои се сметаат за главна пречка во развојот на земјата.
Заменик министерот за Надворешна трговија и странски инвестиции, Дебора Ривас, истакна дека Куба е една од ретките земји во Латинска Америка кои станаа членки на оваа иницијатива.
Идејата за партнерството во енергетиката на иницијативата „Појас и пат“ (BREP) беше промовирана во октомври 2018 година за време на министерската конференција за енергетика на „Појас и пат“ во Сужоу. Оваа соработка брои 29 земји-членки.