ИР Иран е полноправна членка на Шангајската организација за соработка
Предусловите за создавање на Шангајска организација за соработка (ШОС) беа поставени во 60-тите години на дваесеттиот век, кога СССР и НР Кина започнаа преговори за решавање на територијални спорови. По распадот на Советскиот Сојуз, се појавија нови учесници во преговорите, Русија и државите од Централна Азија. НР Кина влезе во преговори и ги реши територијалните спорови со соседните држави од Централна Азија (Русија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан), преку ратификувани меѓународни договори за взаемни признавања на границите. Од овде се појави можност за понатамошен развој на регионалната соработка.
ШОС беше основана на 15 јуни 2001 година. Казахстан, Киргистан, Кина, Русија и Таџикистан ја формираа Шангајската петорка, основана како резултат на договорите потпишани во 1996-1997 година, за зајакнување на довербата во безбедносната сфера, како и за меѓусебно намалување на вооружените сили во пограничната област.
ШОС не претставува воен блок (како НАТО), ниту пак одржува редовен состанок за безбедност (како во АСЕАН), туку зазема поинаква позиција и вклучува одредби кои гарантираат помагање и взаемна соработка на овие држави во случај на војна со трета страна.
Главните задачи на организацијата по нејзиното основање беа: зајакнување на стабилноста и безбедноста (во широката географска област што ги обединува државите учеснички), борба против тероризмот, сепаратизмот, екстремизмот и трговијата со луѓе и дрога. Овие сфери постојано се надградувани во наредните години преку тековните договори. Па така развојот на економската соработка, енергетското партнерство, научната и културната интеракција станаа составен дел од работата на организацијата.
Организацијата брои осум земји членки, четири држави набљудувачи и шест партнери за дијалог. Тие можат да се пофалат со вкупна економија од околу 20 трилиони долари и вкупен обем на надворешна трговија од 6,6 трилиони долари.
Исламската Република Иран речиси 15 години имаше статус на набљудувач во оваа организација. Објавата за пристапување на Иран во ШОС не е изненадувачка. Сеопфатниот договор за стратешко партнерство на Техеран со Кина во март минатата година и последователното објавување на сличен договор со Москва го отворија патот за Иран да биде полноправна членка.
За Иран и неговата економија, ослабена како резултат на санкциите од САД, приклучувањето кон ШОС обезбедува пристап до значително поголеми пазари и овозможи релација со важни меѓународни коридори. Исто така, дополнително се консолидира неофицијалниот сојуз на Техеран со големите сили со Москва и Пекинг против Западот, за прашања како што е иранската нуклеарна програма.
Политичката и безбедносна соработка се одлична придобивки за Иран од членството во ШОС . Доколку Техеран помогне во задоволувањето на енергетските потреби на ШОС, со зголемување на производството на нафта и гас за своите нови партнери и го олесни пристапот со другите пазари во Западна Азија и Европа на долг рок, економијата на Иран ќе има значителна корист од членството во организацијата.