(Видео) Биографија на Петар Георгиевски Камиказа, независен кандидат за градоначалник на Град Скопје, поддржан од политичката партија Левица
Петар Георгиевски Камиказа е независен кандидат за градоначалник на Град Скопје, поддржан од политичката партија Левица. На својот фејсбук профил тој објави видео во кое накратко ја претставува својата биографија. Видеото е составено од фото-материјали кои ја претставуваат неговата животна приказна. Во него можат да се слушне за карактеристиките на Петар Георгиевски, неговиот животен пат, достигнувања и успеси. Во прилог можете да го прочитате целиот текст од ова видео.
„Ретки се оние кои ја имаат храброста да посегнат по своите соништа. Уште поретки оние способни да ги реализираат. Велат дека уште како дете беша Камиказа, а прекарот го доби уште на првите натпревари по гимнастика. На секој тренинг сакаше да ги собори сопствените рекорди. Секаде да биде прв!
Во гимназиските денови формираше повеќе бендови. Со „Нова генерација“ победија на зајачарската гитаријада во ’79-тата. Потоа го формираше првиот Југословенски панк бенд „Фол јазик“ па „Њу веј“ бендот „Модел“. Од љубов кон уметноста, дипломира на драмскиот факултет. По што одигрува повеќе од 600 претстави на театарот на Љубиша Ристиќ во Суботица, притоа глумејки и во неколку ТВ филмови, а го игра и легендарниот лик „Рио“ во култната серија „Трст виа Сопје“.
Страста и талентот го водат кон функцијата уредник на музичката продукција на МРТВ. Таму, заедно со колегиите, успеваат да издадат над 180 изданија. Од кои: Архангел, Санаториум, Ареа, Ласт Експедишн, Меморија, Анастасија и други. Заедно со директорот на продукција Јане Кочобашија, прават и антологија на македонската народна музика, со што е зачувано македонското културно наследство од забот на времето. Го возобновува Скопскиот фестивал со ревиски оркестар од преку сто членови. Чиј уметнички директор е цели десет години и станува шеф на македонската делегација на Евровизаја 2000, во Стокхолм.
На скоро 40 годишна возраст влегува во приватниот сектор и ја основа компанијата „КЛС“, која работи успешно до ден денес, одржувајќи ја повеќе од 20 години својата позиција како број еден компанија за организација на настани во Македонија.
Успесите не ја гасат неговата жар и мотивираност за нови предизвици. Продолжува во полн трк на многубројните маратони низ светот. Трча во Будимпешта, Прага, Рим, Њу Јорк, Даблин, Мадрид, Малта и други. А, над се, како прва љубов му е скопскиот маратон. Во последните 5 години станува страствен велосипедист. А, на последните две трки во Маврово освојува второ место во категорија 60+.
Пред некоја година доживува близу смртно искуство, по кое за прв пат се соочува со фактот дека животот е навистина маратон со многу препреки. Неговиот ентузијазам и истрајноста станаа поважни од брзината но, и сознанието дека е залудно трчањето ако не ја поминеш целта.
Како менаџер главни приоритети секогаш му биле вработените, фер однос и врвен квалитет. Тој веќе не се трка само за да биде прв, туку и да придонесе за заедницата, подавајќи ни рака да му се придружиме. За она што го сакаме се ќе направиме! – За спортот, за уметноста но пред се, за нашиот роден град.
Скопје, Те сакам.“