АктуелноЛокално

Левица: Дали СДСМ е во толку очајна ситуација што во политичката кампања ги злоупотребуваат децата за партиски цели?

„Левица и граѓаните на општина Илинден реагираат и го осудуваат настапот на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и неговиот тим на 01.09.2021 при што беше извршена очигледна злоупотреба на деца уште на влезoт на ОУ „Гоце Делчев“.

Дали СДСМ е во толку очајна ситуација, со оглед на тоа што поради погрешните политики нивното старо членство се има дистанцирано, па сега, во обид нивните активности да добијат на публицитет и поголемо значење се фокусираат на децата, односно ги злоупотребуваат во партиски цели?

Граѓаните и на социјалната мрежа Фејсбук директно му посочија на кандидатот за градоначалник дека врши злоупотреба на ученици за предизборни цели, а кандидатот, без да размисли малку посериозно за ситуацијата во која се довел, одговори дека моментот кога дознал дека станал кандидат се поклопува со почетокот на училишната година, и на крајот се осврнува на хуманоста, која е под сериозен прашалник, со оглед на тоа дека при давањето на подароците истите беа внимателно спакувани во партиски обележана амбалажа и сместени на партиски обележан штанд.

Напомнуваме дека официјалната кампања ниту не е почната, а и да беше, сосема е недозволено партиските активности да опфаќаат деца и истите да се одвиваат во непосредна близина на училиште.
И едното и другото е регулирано со закон, а промоцијата на партиски кандидат низ беззаконие доволно јасно и гласно зборува за капацитетот и намерите на политичката партија што го има кандидирано.

Во насока на спречување на злоупотреба на децата за предизборни цели Левица предупредува дека училиштата, училишните дворови и влезовите кон нив мора да бидат слободни од било какви партиски активности, односно партиите во ниту еден момент да не помислуваат дека преку децата можат да си го подигнат рејтингот или нивните политички агенди да добијат на публицитет. Единствено што ќе добијат се соодветни пријави.” – се наведува во реакцијата на Локалниот огранок на Левица – Илинден