Левица – Аеродром: Златко Марин и Општина Аеродром со пункт за кабаст отпад во центарот на населбата
Реакција на Локалниот Огранок на Левица во Општина Аеродром:
„Подолго време нашите сограѓани од околината на АСНОМ 80 (во близина на слаткарницата Стела) се соочуваат со голем проблем. Пред очи во нивното маало никна официјална општинска депонија, која освен што е неубава глетка, претставува и потенцијален извор на зараза, како и опасност за малите деца!
Пред неколку месеци, градоначалникот на СДСМ, Златко Марин и општинските “пулени” гордо го развеја европското знаменце (иако самоиницијативно и декларативно), со медиумски, напумпана приказна дека сме станале првата европска општина во Македонија.
Но, реалноста е сосема поинаква. Насред своите живеалишта, нашите сограѓани сведочат на “европски” проект, со ПУНКТ ЗА КАБАСТ ОТПАД. Во паркот каде што уживаат со своите блиски и каде ги поминуваат своите денови им се изгради пункт за собирање на кабаст отпад, узурпирајќи го зеленилото (приковани се пелети и поставена е табла со општински обележја, видливо на фотографиите).
По многубројните реакции од станарите и молби до општината да се дислоцира пунктот, не е превземено ништо, а во комуникацијата се упатени да изгуглаат за вакви исти проекти низ Европа (прикачена конверзација со жители, кои ни се обратија со жалба и молба до нас). Она што општинарите треба ‘да изгуглаат’, наместо да го обвинуваат народот на неодговорност, е дека ваквите пунктови, не се поставуваат во урбани средини и дека истите, кога се поставени од самата општина, МОРА РЕДОВНО ДА СЕ ЧИСТАТ, а не да стои отпадот со денови и недели. Ова е вина на неагилноста на општината, предводена од СДСМ на Златко Марин, не на народот, кој само го депонира отпадот на локација посочена од самата општина.
Граѓаните реагираат на константната миризба и неадекватна локација, реагираат и дека навечер се нарушува јавниот ред и мир со бучава од камиони и автомобили, кои истоварат секаков вид на шут и ѓубре. Одговорите на општината се дека не ни е менталитетот европски и дека проблемот е таму, а не во од нив избраната локација. Ќе поставеле чуварска служба и видео надзор, па така ќе ги заштитиле граѓаните од неевропското делување на поединци. Арогантно се расправаат со граѓаните и ги убедуваат во спротивното.
Ништо од тоа не ја оправдува оваа смешна, но и трагична за соседите одлука, токму во нивното маало, да се издигне овој “европски” пункт. Народот само го одлага кабастиот отпад на локација каде ТИЕ, ОПШТИНАТА ја поставиле. За која намена би биле камери и чуварски служби, кога локацијата е за таа намена дадена од нив?
Ние сме замолени како локален огранок да реагираме на оваа слика и да ви пренесеме дека со влегување на Левица во општината од октомври, ова ‘европско буниште’ ќе го нема. Ако имаат доблест општинарите, може и во наредните денови да го дислоцираат, ќе си направат предизборен маркетинг, а жителите ќе се ослободат од сметот!
Граѓаните мора да бидат послушани и почитувани, тоа е европска вредност. Левица за општината, општината за народот!“