Мавровчани против легализацијата на дивоградбите и за судски постапки за одговорните лица кои го дозволиле тоа

Строга забрана на дивоградби во национални паркови и легализирање на дивоградбите. Строга забрана и легализирање на дивоградби во заштитен појас на извори, езера и реки. Ова се дел од барањата на месните заедници од Општината Маврово Ростуше во врска со предлог законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти кој на 8 јуни се враќа во собраниска процедура.

Жителите на селата Ниќифорово, Маврово, Леуново, Врбен, Кичиница, Ново Село, населбата Маврово Анови и членовите на здружението Мавровско горнорекански регион за зачувување на природата и продолжување на традицијата на собирот на месните заедници бараат и измени во законот за зголемување на казните, особено за градоначалниците.

„Никакво запирање на судските постапки за одговорните лица кои не ги спречиле дивоградбите во општините“, бараат месните заедници од општината Маврово Ростуше и додаваат дека ова е од круцијално значење за заштитата на животната средина и природата, но и на правниот поредок.

„Носењето на вакви закони какви што имавме во минатото испраќа порака дека непланската градба и лошата градежна практика можат да продолжат и понатаму. Овој закон само го озаконува криминалот и води до прекинување на кривичните постапки покренати согласно други закони. За овој закон бараме широка јавна расправа“, се вели во писмото испратено до сите институции на Македонија и до сите политички партии.