АктуелноЛокално

Апасиев: Поради каприците на СДСМ и ДУИ луѓето не можат да си го остварат она што им следува

Вечерва повторно не се изгласа петтиот пакет економски мерки поради немање кворум од страна на власта. Иако опозицијата бараше да се закажи 36-та седница, власта беше упорна прво да се закажи 32-та седница, поради очигледното немање кворум. Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев од говорница обвини дека премиерот Заев нема контрола над Парламентот и дека спикерското место е узурпирано од ДУИ.


„Вистината е дека Вие, вчера во 14:30ч. не’ викнавте на вонредна координација на којашто јасно беше кажано дека, СДСМ со своите 42 пратеници е ЗА свикување на 36. седница (за донесување на петтиот пакет мерки), ВМРО со своите 44 пратеници беше ЗА свикување, Левица беше ЗА свикување, немаше претставник од Алијанса и Алтернатива, ДУИ не се изјаснија – тоа значи дека, сте имале 2/3 мнозинство да свикате седница. На крајот од средбата ни беше кажано – таква седница денес нема да има, денес ќе има само 32. седница, за да во 18ч. пред завршување вие ја свикате таа седница, веројатно поради притисокот на јавноста.

И сега, кога ќе лоцираме виновници, бидејќи јас не сум ни во едната ни во другата коалиција гледам малку пообјективно – нема друг виновник за случајов од СДСМ и ДУИ! Затоа што, прво, СДСМ нема контрола над тоа што се случува во парламентот, и тоа што Заев како лидер на СДСМ ќе го договори, не може да го испорача во парламентот. Зошто?

Затоа што спикерското место е дадено на друга партија, којашто на моменти покажува непослушност кон лидерот. И не случајно Груевски, во 10 години не го даде спикерското место, бидејќи е многу моќно тоа спикерско место! Вие можете да тропате меѓутоа ја немате контролата над парламентот, спикерот ја има контролата. Од друга страна, каприцот на спикерот е „зошто не бил повикан на лидерската средба и зошто тие направиле сметка без крчмар“.

Од тука, доаѓаме до заклучокот дека од еден каприц, луѓето не можат со месеци да си го остварат она што им следува. Нашата порака како опозиција е – во моменти кога не можете да обезбедите кворум, ќе прифатите ултиматум, а тоа е – свикајте ја 36. седница и толку!“