Авторот на повлечениот учебник: Учебникот е пишуван од врвни експерти (и албанолози) со трудови за кои Царовска може да сонува
Статус на проф. Никола Панов – еден од авторите на повлечениот учебник по географија.
Денес, со еден тивок и небаре виновен глас ми се јави службеничката од МОН која, патем кажано е од албанската етничка припадност, и ми соопшти дека треба да си го земам решението за укинување на учебникот Национална географија за II-ра година гимназиско образование чиј еден од петте автори сум и јас, одлука која ја потпишала министерката Мила Царовска а во консултација со бројни “експерти“ од сферата на оваа проблематика. Што можев да и кажам освен тоа дека таа не сноси никава вина и дека решението може да ми го испрати по пошта на мојата домашна адреса.
Во меѓувреме, денес прочитав бројни коментари во врска со оваа одлука а особено ме израдува тоа што најголем број од нив не ја одобруваат оваа одлука. Сепак, имаше и одреден број коментари кои истата ја одобруваат давајќи само паушални образложенија, а длабоко сум убеден дека скоро никој од нив можеби и не ја прелистал а камоли прочитал содржината на овој учебник. Исто така, длабоко сум убеден дека ниту Мила Царовска а ниту еден нејзин експерт не ја прочитале и не навлегле подлабоко во оваа содржина. Впрочем, еве ја изјавата на Царовска која дава образложение за укинување-повлекување на учебникот.
“Комисијата констатира дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат согласно дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование“.
Како еден од авторите одговорно тврдам дека овој учебник, кој патем кажано за првпат е издаден во 2002 година, е подготвен според утврдената наставната програма за реформираното гимназиско образование и врз основа на концепцијата за изготвување ваков тип учебници. Тој е педагошки и дидактички издржан и, според него, учениците се оспособуваат да ги воочуваат фактите, појавите, процесите и објектите кои се мошне битни за здобивање на основните национални, патриотски и интегрални знаења за нашата национална географија. Впрочем тоа го констатира и рецензентската комисија на чело со врвниот географ, веќе починатиот проф.д-р Васа Даскаловски кој, патем кажано, има толку голем број меѓународни и домашни трудови од врвен карактер што советниците на Царовска, а да не говорам за самата Царовска, сите топтан заедно не можат да го достигнат ниту во нивните најоптимистички соништа.
Секако дека, а што ние авторите го имаме запишано во воведниот збор за учебникот, ги повикуваме сите добронамерни практичари да ни укажат за одредени забелешки и евентуално пријавените слабости, но не и еднострано и самоволно и без никакво посериозно образложение да се укине овој учебник. Впрочем, стриктно го демантирам штурото и во неколку реченици необјективно образложение дека учебникот е оптоварен со статистички и други податоци кои не одговараат согласно дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата како и тоа дека во некои наставни содржини се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република “Северна Македонија.
Впрочем, корисниците на овој учебник не се деца, како што вели Царовска, туку се ученици во релативно поодмината возраст и се целосно подготвени да ги прифатат дадените содржини во учебникот а овој учебник не сме го напишале за граѓаните на Република “Северна“ Македонија, туку за Република Македонија.
Доколку тоа и сметало на Царовска, редно е да излезе и да каже дека таа е една од причините а не да се плетка со образложенија кои ниту ги разбира а ниту се во нејзина надлежност. Впрочем, би ја запрашал Царовска, како последниве дваесеттина години истиот овој учебник бил добро дидактички и методски подготвен и не ја навредувал ничија култура и историја, одеднаш е методски и дидактички неподобен и културно-историски навредлив.
На глупоста и нема крај
Сепак, а да нема некоја забуна, на сите им е познато дека учебникот се укинува најмногу заради, наводно, спорен текст кој се наоѓа на стр.104, на кој и укажале неколку невладини албански здруженија и кој текст, а се со цел самите да просудите, би го објавил во целост:
„Почетоците на првиот бран на доселувањето на Албанците во Македонија датира од пред 230 години, односно во периодот кон крајот на XVIII-от век, од 1780 година наваму, и тоа на почетокот во три правци, всушност преку три струи. Во тој период во околу 30 македонски села се населило албанско население. Првата струја била северноалбанската, или Дукаџинска струја, втората средноалбанска, или Шкумбиската струја, третата јужноалбанската, или Тосканската струја. Населението од првите две струи му припаѓало на албанското племе Геги и тие во Македонија се населиле во Дебарско, Струшко, Кичевско, Гостиварско, Тетовско, Скопско, Кумановско и дошле се до Велешко и Пелагонија. Јужноалбанската, или Тосканската струја му припаѓала на племето Тоски и таа била послаба од претходната. Во Македонија тие, главно, се населиле во југо-западниот дел од Републиката, и тоа во околината на Струга, Ресен и Битола.
Вториот бран на населување на Албанци во Македонија се одвивал на почетокот на XIX –от век и траел до четвртата деценија на тоа столетие. Во тој период албанско население се доселувало во уште други триесеттина македонски села.Населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови, кои го дозволувале населувањето на албанското-муслиманско население. На ова укажуваат бројни автентични сведоштва. Македонците ги протерувале од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање-тепање, опожарување и слично. Според податоците од историскиот архив на Турција(Истамбул), во периодот непосредно по доаѓањето на Турците во овој дел од Македонија(1452-1453), регистрирани се 32 албански семејства во вилаетот Кемкалдален, денес Полог.”
Лично сметам дека последниов пасус е една од основните причини за да се укине овој учебник, што Мила Царовска не сака да го истакне како основа за укинувањето, а притоа не познавајќи ги и нереспектирајќи ги историските факти кои се истражувани од врвни домашни и светски автори а меѓу кои и врвни албанолози, како што се: д-р Ристо Ивановски, д-р Каплан Ресули, Хирт, Вајганд, Томашек, Пушкариу и многу други. Ние, како автори, сме се послужиле со литературата на овие врвни истражувачи и не сме ги измислиле овие факти самите. Па така, одејќи според оваа аналогија на М.Царовска, ние треба со сличен декрет да ги забраниме сите трудови на наведените автори. Можеби не требаше да им ја дадам оваа идеја. Па сега вие проценете и ја паметта на министерката која се става над сите овие автори и со едностран декрет укинува нешто а да и самата не знае што, и се подлабоко и подлабоко се вплеткува во сертмето кое, најверојатно, и го плетат некои уште понеуки од неа, доколку такви постојат.
Свесен сум дека на некои од моите сограѓани Албанци им смета реченицата дека: Македонците биле протерувани од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање-тепање, опожарување и слично.
Во таа насока би сакал да кажам дека досега не ми е познато во светската историја дека ниту едно освојување на било каква туѓа територија, не било пропратено со убиства, грабежи, тепање, злоставувања и слично. Впрочем, кога доаѓале старите Словени на територијата на денешна Македонија зарем не ги убивале, пљачкосувале и малтретирале старите македонски племиња кои живееле овде, или пак Турците мирољубиво влегле преку р.Марица на Балканот, мирољубиво и без убиства и најсурови методи дошле се до Виена и мирољубиво владеел пет века на Балканот и сл. Ако се движиме по траекторијата на Царовска и нејзините гавази, тогаш значи дека треба да ја забраниме или промениме да се изучува историјата на старите Словени и други бидејќи тие, со нивните“мирољубиви“ методи на освојување ја навредувале културата и историјата на старите Македонци, од чија мешавина впрочем сме настанале ние денешните Македонци и сето тоа, така спакувано во обландата на неписмените, треба да го прифатиме како вистина од невистинитите
Од заменикот на Царовска, нека ми прости но му го заборавив името, денес слушнавме дека едно од образложенијата за укинување на учебникот се и некои податоци за демографските карактеристики кои не биле точни. Овде претпоставувам дека мислел на бројот на жителите и нивната етничка припадност. Одговорно тврдам дека сите податоци се превземени од соодветни валидни статистички центри и автори, како и од извори од турски архиви. Сите тие се јавни и достапни повеќе од 75 години а доколку заменикот министер, или пак Царовска, имаат забелешки на водењето на статистичките податоци и доколку сметаат дека не се точни, да се обратат до Државниот завод за статистика, кај Апостоле попишувачот, како и до авторите на бројните статии кои ја третираат оваа проблематика и истите целосно да ги повлечат, вклучувајќи ги и сите статистички годишници од 1951 па се до денес.
Овој “струјно-политички “ удар најмногу ќе ги погоди учениците, географијата и историјата и секој ќе си ја толкува историјата, културата и географијата на начин, простете но не можев да најдам соодветен збор, како ќе му прдне.
Оваа држава ќе биде слободна само тогаш кога овој учебник повторно, се разбира со определени стандардни дополнувања, повторно ќе се стави во употреба. Учебниците и образованието се огледала на секоја култура кои огледала кај нас, за жал, започнуваат систематски да напукнуваат. Кој е следниот чекор на министерката за антиобразование и нејзините истомисленици.
Денес, со еден тивок и небаре виновен глас ми се јави службеничката од МОН која, патем кажано е од албанската етничка…
Posted by Nikola Panov on Friday, March 19, 2021