Собранието го разгледа Предлог законoт за остварување на јавниот интерес во културата
Собранието во рамки на 22. седница го разгледа Предлог – законот за остварување на јавниот интерес во културата. Министерката Ирена Стефоска образложи дека станува збор за системски закон со кој се уредуваат основните односи во културата, каде се предвидени низа суштински и концепциски измени кои произлегуваат, пред сè, од Националната стратегија за култура 2018-2022.
„Република Македонија го следи принципот на регулирање на културата на земјите-членки на ЕУ. Со системски закон за култура се поставуваат основните постулати за уредување на културата, а доколку постои оправдана потреба, спецификите во вршењето на одредени дејности се регулираат со посебни закони за дејностите”, рече Стефоска.
Со Предлог-законот се менува името на досегашниот Закон за културата и се предлага да се именува како „Закон за остварување на јавниот интерес во културата“, а во него се предефинира досегашниот поим „национален интерес“ како „јавен интерес“.
- Поимот „јавен интерес во културата“ е посоодветен и го изразува поширокиот интерес на државата во областа на културата. Како клучни сегменти на реформата во културата, овој предлог-закон предвидува промена на финансирањето на јавниот интерес во културата, децентрализацијата во културата и регулирање на работата и правата на самостојните уметници и културните работници, рече министерката за култура.
Од новините во овој предлог-законот, министерката посочи дека националните установи ќе доставуваат годишна програма за работа која ќе биде подготвена врз основа на буџетско планирање за период од три години.
Друга новина е тоа што министерот за култура, може да склучи договор за период од три години за финансирање програми, односно проекти, манифестации и фестивали од јавен интерес со установи, здруженија и фондации и правни лица што континуирано и квалитетно остваруваат дејност од областа на културата, врз основа на спроведен конкурс за таа намена.
Со предлогот на закон, се предлага во иднина да се укине доделувањето на дополнителен надоместок на пензиониран уметник или стручен работник од областа на заштитата на културното наследство, кој досега беше обезбеден од средствата на државниот буџет за културата.