Нема крај на откупната агонија на македонските тутунари
Иако до законската завршница на годинашниот откуп на тутунот остануваат само уште два дена, агонијата на македонските тутунари не стивнува, а и паниката станува се’ поголема. Велат, за откуп има уште најмалку два милиони килограми тутун, откупувачите ги затвораат пунктовите, оние пак што работат откупувале ограничени количини и тоа само од високо-квалитетните класи и по понижувачки ниски цени, а голем проблем била и картонската амбалажа која ја нема. Немоќни во својот очај, тутунарите апелираат до сите надлежни фактори, вклучително и до премиерот, за конечно да си ги отвореле очите и да ги видат реалните проблеми на македонските земјоделци.
„Апелираме до државата, до премиерот, да не не замајуваат со бегството на еден бегалец пет дена, да се навратат на реалните проблеми што ни се случуваат во државата. Луѓето имаат вистински маки…Како што кажа вчера премиерот – тропнал на маса, нека тропни на маса и кај откупувачите и под итно да го реши овој проблем. Да не дојде тутнарите мака мачат да подолжуваат нова реколта, а се уште не ја предале својата реколта од претходната година“, – рече Игор Мирчески – координатор на новите тутунски здруженија.
Најкритично и најнеизвесно е во долнескиот регион, кој е и најголем производствен регион на тутун, каде дворовите и тутунските амбари се преполни со се уште неоткупен род.
„Годинашнава реколта со откупувањево ни е катастрофа. Покататсрофална, мислам дека во овие мој триесет години, не била и ќе ни бидемногу потешко за преживување на нареднава, а веќе нареднава реколта со садење на расади е на прагот. Ама, како ќе го почнеме почетокот – не знам, бидејќи јас дома имам уште 1700/1800 кг. тутун кој не ми е откупен…“, посочува младиот тутунопроизводител Ерден Синаноски од с. Дебрешете.
За тутунарите неприфатливо е и понуденото пролонгирање на рокот на откупот за еден месец, бидејќи според нив тоа само ќе ги зголемело шансите за манипулации и уцени врз нив, кои и сега ги имале во пресрет на склучувањето на новите договори. Стравуваат дека во вакви услови, многумина од нив ќе мораат да се откажат од тутунопроизводството со што, според нивните проценки, наредната реколта би била полесна за околу 17 до 18 милиони килограми тутун.