Кинеските инвестиции во Африка имаат „значајни и позитивни“ долгорочни ефекти
Кинеските директни инвестиции во Африка имале „значајни и позитивни“ долгорочни ефекти, заклучува ново истражување спроведено од страна на Лондонската школа за економија и политички науки.
Истражувањето, предводено од Рикардо Крешенци, професор по економска географија на факултетот во Лондон, ги анализира ефектите на кинеските инвестиции во Етиопија низ период од 20 години. Резултатите покажуваат дека кинеските странски директни инвестиции предизвикале процес на трансформација на локалната економија, кој од една страна ѝ штети на локалната конкуренција, но истовремено носи придобивки за локалните добавувачи на новите кинески фирми, како и нивните локални клиенти.
Долгорочните резултати на овој процес – земајќи ги во предвид домашните „добитници и губитници“ – довел до значајно и истрајно зголемување на севкупната домашна економска активност, што пак донело корист за локалното население во областа каде што се наоѓа новата странска инвестиција. Исто така, посочуваат дека на среден рок позитивните ефекти од кинеските директни инвестиции ги надминуваат негативните.
Во целина, нашите откритија фрлаат сомнеж врз жестоката и честопати идеолошка дебата околу кинеското присуство во Африка. Ние покажуваме дека ефектите на кинеските директни инвестиции се хетерогени и разновидни, но се позитивни на среден рок. Се надеваме дека нашиот емпириски придонес ќе отвори простор за плодна дискусија која е заснована на докази, а потоа и за соодветно прилагодување на упатствата за тоа што е оптимална политика на трговија и инвестиции“, велат авторите.
Професорот Крешенци коментираше: „Од пресудно значење е да се погледнат сите можни извори на раст и на економско закрепнување на Африка. Отровната реторика на „кинескиот вирус“ носи ризик да стави во сенка еден многу важен пат кон развој, кој треба да биде подобро сфатен и поддржуван во соодветните регулаторни рамки. Предизвиците на светската еконоомија во периодот после Ковид19 бараат свеж пристап кон економските можности кој е заснован на црвсти докази, а не на геополитика“.
Др Лимодио додава: „Дискусијата за кинеските директни инвестиции во Африка станува сѐ порадикализирана на штета на локалните африкански заедници. Нашето истражување се обидува да понуди непристрасен и научен поглед кон овој трансформативен феномен. Нашите заклучоци подвлекуваат дека отворањето кон меѓународните пазари може да е од корист за општествата, но создава и добитници и губитници. Овие резултати укажуваат на еден суштински предизвик во следната деценија: како да се редистрибуираат придобивките од трговијата, финансиите и инвестициите со цел да се создадат попросперитетни и подинамични општества.