Се брише придавката „македонски“ од записниците кои се држат во тајност!
Уставното име „Република Северна Македонија“, наместо придавката „македонски“ ќе се користи во записниците на Мешовитата македонско-бугарска комисија. Според телевизија Сител, ова е компромисот кој бил постигнат за употребата на придавката „македонски“ во записниците од Мешовитата комисија, поради кои записниците од последните средби останаа непотпишани.
Високи извори од македонскиот дел од комисијата за Сител рекле дека договорот се состои во тоа што придавката македонски ќе се користи само во цитатите од записниците, додека во официјалните заклучоци од средбите ќе се употребува уставното име на земјава. Наместо македонски, да се употребува „на Република Северна Македонија“. Договор наводно имало и околу името на самата комисија, односно, во записниците нема да има повеќе македонска страна и бугарска страна, туку во записниците ќе стои Комисија на Република Северна Македонија или Комисија на Република Бугарија во зависност на што се однесува.
Вчера се одржа состанок на Мешовитата комисија по што со кратко соопштение беше информирана јавноста дека е постигнат напредок во преговорите. Записниците од Комисијата се’ уште остануваат тајни за јавноста. И покрај обидите да се изнесат заклучоците во јавност на барање на граѓани, од Министерството кратко одговорија дека записниците имаат статус на документи со ограничен пристап.