Крмов: Се зголемуваат трошоците за мебел додека се крати на амбулантни возила

Вчера непосредно пред полноќ во Собранието беше изгласан новиот буџет за 2020 година со тесно мнозинство до последен момент, кога власта за гласањето изваде тројца пратеници кои претходно не беа во салата.

За предлог-буџетот обраќање имаше и пратеникот на Левица – Борислав Крмов, кој потенцира дека со новиот Буџет има нагорна линија на зголемување на непродуктивните трошоци. Крмов критикуваше дека за трошоци за НАТО-интеграции има двојно зголемување во споредба во животна средина каде има намалување на средствата за 4 проценти, додека за прослава за Рамковен договор се одвоени 30 милиони денари.

„Инспекторатот за употреба на јазиците има за 50 проценти зголемување на средствата и достигнува до неверојатна бројка од 16 милиони денари. Фамозното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците лани доби 8 милиони евра – тотално непродуктивен трошок, бидејќи јавна тајна е дека таму само 4 – 5% од административците одат на работа. Истото министерство со новиот Буџет ќе добие плус 1.300.000 евра, додека за рурален развој – 0 денари, заштита на Преспанско езеро – 0 денари, заштита од аерозагадување – 0 денари, заштита на води – 0 денари. Дирекцијата за индустриски технолошки развојни зони, Министерство за труд и социјала и Министерство за информатичко општество имаат зголемување од 50 до неверојатни 241 процент за непродуктивни трошоци и за мебел и за возила.”

Пратеникот од Левица додаде дека во здравството за кризата со Ковид-19 има намалување за 30% на одвоените средства, како и 63% помалку средства за изградба на клиничките центри во Скопје и Штип и намалување на средствата за амбулантни возила во руралните подрачја за 50%.