АктуелноБиблиотекаЛокално

Бегалската судбина на Петар Диклиќ – Србинот кој ја облагодари македонската почва

Петар Диклиќ е Србин протеран од Хрватска за време на војната, кој над две децении живее во Македонија и истовремено е член на Централен Комитет на Левица. Интервјуто е пренесено од порталот KumanovoNews.


Кога Петар Диклиќ од селото Брлог дојде со семејството во Македонија како бегалец од Хрватска пред речиси три децении, тој не претпоставуваше дека ќе го помине остатокот од животот тука. Како и голем број Срби од Краина во 1991 година, под притисок на хрватската војска, тој го напушти родниот град и илјада километри оддалечен од земјата на неговите предци, во кумановското село Војник го започна животот од нула. Kако вреден и чесен работник, селанец (како што самиот се претставува) и пред сè храбар човек, тој успеа со своето семејство да ги надмине сите предизвици со кои се соочувaл низ животот и да остане со чист образ и чист дух, пред себе и пред луѓето. .

Петар Диклиќ од оваа гледна точка вели дека војната била голема глупост од која претрпеле штета само обичните луѓе, додека политичарите наместо да ги штитат интересите на народот во тогашната држава, преземале нелогични потези и воделе сомнителни политики во корист на големите сили што ја разбија Југославија заради сопствени интереси. Како човек што живее во мешан брак, национализмот никогаш не му бил близок, а особено ги презира неправдите и валканите игри. Затоа тој одлучил да не биде дел од крвавата војна што ги уништи соништата на многу генерации, без оглед на националноста.

„Селото Брлог е на 28 километри од Јадранското Море, оддалечено 70 километри од Риека. Брлог беше српско село со мнозинско српско население и околу 15 проценти Хрвати. Добро живеевме. Мојата сопруга е Хрватка. Јас бев селанец, земјоделец, сточар. Сакав лов. Моите најдобри пријатели беа Хрвати. Тоа беше извонреден живот … Одеднаш, меѓу хрватското население нешто чудно почна да се случува. Тие претходно знаеја што ќе се случува, додека ние Србите верувавме во Југославија, сакавме единство. Со неколку убави зборови Туѓман можеше нас да нè придобие како лојални граѓани во Хрватска, но тие го имаа својот вековен стремеж да нè исчистат. Тие сметаа дека Србите се дестабилизирачки фактор. И така ние останавме без ништо, 170 домаќинства беа запалени во еден ден,тие што не изгореа, повторно беа палени. И во Втората светска војна, во 1941 година масакр е извршен во моето село и во целата област. Убиени беа претежно влијателни и истакнати луѓе. И сега се подготвуваше истото сценарио. Се најдовме во многу тешка ситуација и опасност.”– вели Диклиќ.

Петар не бил во селото оној ден кога го запалиле Брлог. Претходниот ден тој отишол во Бихаќ во Босна да набави инсулин за неговиот болен и неподвижен татко, а неговата сопруга Ружа со двете деца (Милан и Жељка) веќе биле засолнети кај неговата сестра во Истра, поради присутната опасност и нетолеранција во селото. На кобното утро на 13 септември 1991 година, кога хрватската армија ја започнала акцијата, само неговите родители биле на куќниот праг.

„Почнаа со нашата куќа.Гледајќи го пламенот, еден од нашите семејни пријатели Хрват, се онесвести, не можеше да разбере што се случува. Изгоре нашата машинерија, куќата и мебелот. Бик од еден тон изгоре жив во нашата штала. Свекрвата ги одврза кравите и ги пушти да си одат, но бикот не успеа да го одврзе бидејќи тој беше цврсто врзан, па остана кутриот во огнот. Тој рикаше толку многу што целото село слушаше. Кажуваат дека луѓето стоеле во дворот и плачеле”, вели Ружа која работела во Судот во Оточац.

Бидејќи не можел да се врати во селото, каде го чекало апсење, Петар останал некое време во Краина, која била под српска контрола. Бидејќи не се согласувал со некои одлуки што им ги наметнувале тогашните српски воени власти, одлучил да ја напушти Хрватска. Со камионот кој бил единствен имот што му останал и 10 литри бензин, во гумени чизми, тој тргнал низ Босна кон Србија, каде во исто време пристигнала Ружа со нејзините деца.

Стабилен брак и искрено пријателство

На почетокот на војната, Петар и Ружа изгубиле секаков контакт. Тој бил во Краина, таа во Истра. Немале телефонски контакт. Имало гласини дека е убиен и дека биле убиени нејзиниот свекор и свекрва. Ружа немала друг избор освен да оти до автобуската станица и да ги прашува луѓето што бегаат од таму.

„Како што одминуваше времето, така ситуацијата стануваше се подраматична. Пристигнуваа информации дека многу луѓе биле убиени во Краина. Со денови се молев за неговиот живот и една вечер сонував како расте дрво од една дупка со камења и го гледам него како се качува на дрвото. Знаев дека е жив, дрвото е живот – и знаев дека ќе се спаси. Кога се сретнавме во Војник, тој раскажуваше како отишол во „Српско поље“ и како паднал во дупка. Тогаш му реков дека сето тоа го видов во сон. Затоа знам дека ништо во животот не е случајно и дека нè поврзува нешто посилно“, – раскажува Ружа низ солзи.

Бидејќи бил во безизлезна ситуација, на улица со сопругата и двете деца на возраст од 8 и 11 години, Петар побарал помош од неговиот сосед Хрват кој живеел во Германија. Тој го упатил кај неговиот пријател во селото Војник, кој таму имал слободна куќа каде што можел привремено да престојува со семејството. Иако никогаш порано не бил во Македонија, Петар го прифатил предлогот.

„Дојдовме тука со 200 марки позајмени. Кога го видов огромниот потенцијал за земјоделство, решив да останеме. Можевме да заминеме во Германија преку наши пријатели, но видов дека тука има услови за живот. И подоцна, секогаш велев дека нашите ресурси треба да се стават во функција и да се развие земјоделството. Ако се стремиме кон европска интеграција, ние самите треба да ги обезбедиме тие високи стандарди. За жал, македонската интелигенција не разбра што зборував. Иначе, луѓето тука многу добро ме прифатија и ден – денес ме поддржуваат и јас нив.

Две години живеевме во друг дел на селото, а потоа сакавме да се преселиме во еден манастирски имот во селото Драгоманце. Селаните не ни дозволија да си заминеме, па тие се ангажираа и ја пронајдоа оваа куќа, која порано била кафана, а тогаш стоеше празна и запуштена. Неговиот сопственик Славко Дивјак беше прекрасен човек и прифати да се преселиме. Така започнавме нов живот овде
“, – раскажува Петар, кој по професија е бравар бидејќи, како што кажува тој, не го завршил Земјоделскиот факултет во Нови Сад.

До македонско државјанство како заслужен граѓанин

Вреден и иницијативен, со извонредно искуство во производството на зеленчукови култури, Петар не чекал помош од државата и хуманитарните организации како другите бегалци, туку како веќе докажан земјоделец, се зафатил со работа. Започнал сопствено производство на зелка, компири, карфиол, брокула и лубеници. Тој и неговата сопруга Ружа изнајмувале ниви и ги чистеле запуштените површини во речното корито, кои ги претвориле во висококвалитетно обработливо земјиште. Тие граделе и системи за наводнување. Првите резултати биле извонредни, што предизвикало голем интерес не само кај локалното население, туку и кај земјоделските здруженија и надлежните државни институции. Политичари, професори, студенти, пратеници и министри почнале да ги посетуваат, а неговата работа и способност биле забележани од странски дипломати. Благодарение на неговиот успех, американската амбасада одобрила донација за механизација – 50 трактори. Американскиот амбасадор Батлер доаѓал лично на неговите ниви за да го види родот.

Немавме друг избор. Моравме да работиме. Да не бевме толку храбри како што сме, ќе плачевме. Јас останав без работа, без дом, без сè што имавме. Ни требаа пари, нашите деца се школуваа, тие беа студенти. Тоа беше голема површина, која не можевме сами да ја обработуваме, имавме и сезонски работници. Продававме тони производи на пазарите, нашата зелка се извезуваше во Футог, Србија”, – вели Ружа.

На предлог на Здружението на земјоделци од Куманово, Петар Диклиќ добива македонско државјанство како заслужен граѓанин, а подоцна и останатите членови на неговото семејство. Но, бидејќи во Македонија трудот не се цени, туку партиските интереси, по неколку години државата му ја одзема земјата и му ја дава на приватен концесионер за одвојување на песок. Петал се пожалил до локалните и националните власти, но никој не му помогнал. Му преостанало правдата да ја бара на суд, но и тоа скапо го платил, бидејќи поради тоа не му беа доделени 10 хектари земја, како на другите земјоделци кои се пријавија на конкурсот. Во меѓувреме, пропаднала и неговата идеја за започнување бизнис и отворање фабрика за производство на кисела зелка. Сето тоа влијаело да нивниот син Милан, по професија инженер по шумарство кој е оженет со Македонка, да се разочара и да се врати да живее во Брлог, Хрватска.

По ова, Петар се повлекува од идејата за големо производство и сега обработува мали површини, обезбедувајќи храна за потребите на неговото семејство. Тој ужива во кругот на најблиските во прекрасниот двор крај реката Пчиња, во друштво на внуците и внуката на неговата ќерка која живее во Куманово. Тој вели дека е опкружен со искрени пријатели за кои секогаш има време и волја. Тој е секогаш подготвен да им помогне, но и да се потпре на нив доколку е потребно.

Го следев советот на татко ми

После 15 години живот како бегалец, поточно во 2006 година, Петар неколку дена се враќа во родниот Брлог, каде веќе имало досие и обвинение против него, но освен информативен разговор со полицијата, немал други проблеми.

„Кога отидов таму, сфатив што е богатство, а тоа е да бидеш чист пред себе и пред луѓето. Тоа е најголемата сила. Не се плашев и тие знаеја дека не сум направил ништо лошо на никого. Немаа докази да ме обвинат за што било. Јас само помагав на кого можев и никогаш не сум нанел зло на никому”, – вели Петар со гордост.

Се сеќавам на моментите кога се обидував да ги извлечам родителите. Меѓутоа, тие не сакаа да ја напуштат куќата. На заминување, татко ми ми даде драгоцен совет, кој го следев во тие „луди времиња“ и кој ќе го паметам додека сум жив. Тој ми рече: „Во војна немој да убиеш човек, во војна немој да се збогатиш и во војна не кажувај никому по кој пат ќе се движиш”. Секогаш се водев од тоа никогаш не го направам она што тие ни го направија”, – заклучува Петар Диклиќ и додава дека неговиот татко починал во 1994 година, а неговата мајка подоцна дошла да живее со нив, каде што е и погребана.

Благодарен сум на Македонците што ме почитуваат

Петар не планира да се врати во Хрватска, бидејќи мисли дека нема што да бара веќе таму. Кога пристигнал во Македонија, се надевал дека брзо сè ќе се смири и дека ќе се врати, но како што одминувало времето, увидол дека тоа нема да се случи

„Мислам дека најголем хендикеп ми е тоа што не го научив македонскиот јазик. Затоа сум им благодарен на Македонците што ме почитуваа и ценеа и што ме канеа на разни собири и манифестации, каде никој никогаш не ми замери што не го знаев јазикот.”

Тој признава дека е искрено разочаран од своите сонародници – Србите и српските организации кои не биле тука да му помогнат и да го поддржат кога му било најтешко, туку сите го искористиле кога имале можност за тоа. На заминување Петар, со солзи во очите, ни ја прочита својата омилена поема, во која се опишува тагата на селаните од Брлог, кој како него, мораа да ги напуштат своите вековни огништа.

Кажи туго

Моја туго, тугујеш ли и ти,
У Брлогу што не можеш бити.
Да ти видиш пољане и куће,
Што горјеше ко кречане вруће.
Да ти видиш та згаришта наша,
И пашњаке где ја расла паша.
Да ти видиш пусте наше њиве,
И ливаде од гњилади сиве.
Да ми кажеш дал’ се ору поља,
јели збиља то Божја воља.
Те ливаде дали неко коси,
Бере цвеће по јутарњој роси.
Да ми кажеш ко по пољу шета,
Јер сад нитко никоме не смета.
Кажи туго кажи мени право,
Дал би итко мени реко здраво.

      ….

Ја не живим лоше ни овамо.
Ал’ би радо да се вратим тамо.
Желим видјет родно село моје,
И згаришта од те куће моје.
Да га видим лакше би ми било,
И тај Кланац моје село мило.
Ој, Брложе лијепо ти је име,
Све се редом поносимо њиме.