Лекари од Институтот по белодробни заболувањa бараат да се разреши директорот Андоновски

Лекарскиот колегиум при Институт по белодробни заболувања кај децата во Козле преку отворено писмо до медиумите предупредува за состојбата во болницата и бараат разрешување на нивниот директор Ангелчо Андоновски. До нашата редакција пристигнаа информации дека дел од вработените веќе иницирале и тужби за мобинг против Андоновски.

Во продолжение отвореното писмо на лекарите интегрално:


„Ние лекарскиот колегиум од Институтот по белодоробни заболувања кај децата Козле, бараме итно разрешување на медицинскиот директор Ангелчо Андоновски. Имено, директорот уште од неговото поставување на оваа функција, никогаш не воспоставил соодветна комуникација со лекарите во болницата. Не присуствувал на нашите стручни состаноци, нема никаков увид во работењето, ниту е активно присутен во процесот на работа и ангажираност на педијатрите. Поради неможност за директна комуникација, вработените се оставени сами на себе и се приморани сами да донесуваат одлуки во тек на работниот процес.

На почетокот на пандемијата целокупниот педијатриски медицински персонал постојано функционираше во црвена зона за целото работно време, во тек на 8 или 12часа, (амбуланта, хоспитализации, лекарски извештаи), што се коси со сите правила и препораки на Министерството за здравство за заштита на медицинскиот персонал во ковид центрите. Бевме доведени во ситуација да се пресоблекуваме во багажниците на своите автомобили.

Амбулантата за прегледи на педијатриските пациенти е соба бр 6 која се наоѓа во самиот оддел во црвена зона  каде се хоспитализирани пациентите со ковид- 19. Во таа амбуланта го прегледуваме секое дете, а не секоја состојба значи инфекција со ковид 19. Ова  значи дека во оваа амбуланта за  преглед се мешаат  и негативните и позитивните деца а со тоа се загрозува  здравјето на нашите пациенти и се шири инфекцијата . И за ова состојба ние како педијатри  со цел да си ги заштитиме своите пациенти и да го превенираме ширењето на заразата во  неколку наврати писмено го информиравме директорот Андоновски и на тоа не добивме одговор. За децата не е обезбеден ниту простор за тријажа, тие за преглед чекаат буквално по клупите во дворот  со родителите  заеднички и позитивни и негативни болни деца и нивните родители.

Наместо заеднички да се решат проблемите како што во неколку наврати бараше лекарскиот колегиум , нашиот директор го решава проблемот со вршење  мобинг најчесто кон специјалистите, сукцесивно, поединечно, и истовремено  има деградирачки омаловажувачки однос кон сите вработени. Преку апликација инсталирана на својот мобилен телефон, постојано ги следи вработените преку камерите во болницата, ,,лови,, жртви и испраќа пораки со малициозност, закани и прети со парична казна.  За ова сведочат многу пораки на мобилните телефони на педијатрите.

Од неговото назначување па до денес со својот негативен однос прави раздор помеѓу вработените, крајно ја влошува атмосферата за работа, носи според нас импровизирани ад хок одлуки, поради што дел од медицинскиот кадар веќе ја напушти болницата.

Имаме впечаток дека манипулира и  со медиумите за да добие лични и политички поени. Единствена прилика кога облекува лична заштитна опрема е  за да се слика за медиум а потоа  да ги објави сликите на социјалните мрежи. Многу често бевме сведоци дека и  професионално ја дискредитираше нашата институција бидејќи користи погрешна медицинска терминологија, изнесува невистини за работењето на Институтот, а со тоа предизвикува огромен револт кај вработените.

Иако не е вклучен во работата на Ковид центарот , нашиот труд и остварувања во Институтот ги користи за сопствен маркетинг, дури и објави стручен труд и покрај тоа што нема прегледано и болнички лекувано  ниту едно дете со ковид- 19.

За сите овие проблеми што го презентираме пред вас, беше контактиран министерот Венко Филипче и беа остварени две средби на кои баравме итно и неодложно разрешување на Ангелчо Андоновски со потпишана петиција од лекарите специјалисти на Институтот. Од средбите добивме уверување дека министерот ќе го реши нашиот проблем. Од тогаш се поминати скоро три месеци, но решавање на проблемот не е ни на повидок, а малтертирањето на вработените продолжува. Исто така сметаме дека дискредитирањето на лекарите и другиот медицински персонал во болницата  е истовремено и  дискредитација на Министерството за здравство и довербата во целиот здравствен систем. 

Крајно време е наместо ваков тип на менаџери, здравствените установи да ги водат стручни луѓе кои ќе умеат да го мотивираат и обединат постоечкиот кадар и на тој начин сите заедно како тим да се справиме со предизвици во ова кризно време и да излеземе како  победници во оваа  ковид криза.

Јавно се обраќаме до сите државни институции, Лекарската комора на Р.М, Министерот за здравство и до премиерот г-дин Зоран Заев. Апелираме да не се игнорира состојбата во Институтот, порачува лекарскиот колегиум при Институт по белодробни заболувања кај децата во Козле.