АктуелноЛокално

Левица јавно бара Венко Филипче да си поднесе оставка

Преку Реакција до Јавност, политичката партија Левица бара од министерот за здравство, Венко Филипче да си поднесе оставка, поради како што велат, неодговорноста и неспособноста да се справи со кризата.

Од Левица објавија информации од статистичките извештаи на светско ниво, од кадешто е лесно да се пресмета дека Македонија е прва во светски рамки по број на починати во 24 часа на милион жители.

„Според бројките од статистичките извештаи, кои се објавуваат на светско ниво на веб сајтот www.worldometers.info/coronavirus, Македонија е прва во светски рамки по број на починати во 24 часа на милион жители. Доколку се земе предвид  број на иселени жители, состојбата е уште покатастрофална.Ова уште еднаш ја покажува алармантно лошата кондиција на нашиот здравствен систем, неквалитетното менаџирање со кризата и неодговорноста на министерот за здравство, Венко Филипче. Тој на почетокот на пандемијата, рече дека пикот на заразени се очекува да достигне до 2000, а како што може да се види од објавените бројки, до вчера вкупно детектирани заразени се 26.954 лица, а активни 7.408. Секако овде треба да се земе предвид дека во вкупната бројка влегуваат и болните со симптоми и позитивните без симптоми“, се вели во реакцијата.

Директната вина за продлабочувањето на кризата од Левица ја гледаат во министерот Венко Филипче.

„На денешната прес-конференција, Филипче изјави дека, над 85% од досега (919) починатите од Ковид-19 имале други хронични болести. На новинарско прашање за тоа дали дел од пациентите починале од друга болест, но биле заведени дека починале од Ковид, Филипче рече дека, тоа е точно, но оти од самиот почеток доколку пациентот имал позитивен тест, иако имал некоја сериозна болест, сепак причината за смрт се запишува како Ковид-19. Погрешните одлуки на Владата се согледуваат и во тоа што хронично болните лица, иако се загрозена категорија, повторно беа вратени на работните места – додека Владата се обидува да протне онлајн-седници на Собранието. Освен што излегува дека не се прават точни статистики, што е уште еден пропуст на Министерството за Здравство, исто така, како политичка партија, сметаме дека, ова министерство на чело со Филипче, треба да престане со стратегијата на префрлање вина на „непослушниот“ народ. Токму тој и другите функционери и вработени во ова министерство се поставени таму, за да ги градат политиките и стратегијата за менаџирање со кризи, со цел да обезбедат безбеден и здрав живот на народот, а тие напротив, со месеци креирајќи јавно мислење, преку средствата за комуникација, го обвинуваат народот со цел да ја сокријат сопствената неспособност. Филипче до вчера ја повторуваше мантрата дека, нашето здравство има доволен капацитет и услови за справување дури и со зголемен број на случаи, и со тоа креираше лажна слика на сигурност кај јавноста. Ако земеме предвид дека здравствените системи на Италија и Шпанија колабираа (и други поразвиени земји едвај се справуваат), тогаш јасно ни’ е како ден, дека министерот Филипче го манипулира и го лаже народот, само за да си ја задржи фотелјата“, посочуваат од партијата.

Исто така, во реакцијата се потенцира дека, не само што Филипче го обвинува народот за неговата и неспособноста на министерството, туку дека Власта врши грабеж врз народот со високите казни за наводно кржење на мерките, како и за тестовите, кои повеќето се прават во приватните клиники, отколку во државните.

„Македонија економски тоне со месеци, а допрва ќе се осеќаат последиците од лошото менаџирање со кризата. Затоа повикуваме јавно, Венко Филипче да си поднесе оставка и следниот министер сериозно да ја преземе работата за справување со оваа криза“, нагласуваат од Левица.