АктуелноСтав

Левица: „За бизнисите на Заеви и Русија е алтернатива“

Лиценца за извоз на производи од фирмата на Заеви во Руската Федерација
Лиценца за извоз на производи од фирмата на Заеви во Руската Федерација

Политичката партија Левица објави документ во кој се гледа дека една од фирмите на Заеви уште од 2017 година добила лиценца за извоз на производи во Руската Федерација. Станува збор за фирмата „Тргопродукт“ од Струмица, која е ќерка – фирма на бизнисот „Мамас“ на актуелниот премиер, Зоран Заев.

Од Левица испратија реакција до јавност во која го потенцираат лицемерието на премиерот, поради како што велат, владата на СДС од една страна корисити спинови и етикетирања за своите политички неистомисленици какарктеризирајќи ги како руски агенти и мрачни сили, а од друга страна за бизнисите на Заеви не постои пречка во економска соработка со Русија.

Инаку, токму оваа фирма на Заеви во 2018 година остварила профит од 1,25 милиони евра.

„Токму премиерот Заев изминативе три години, при спроведувањето на владините анти-државни политики, обвинуваше за засилени руски влијанија преку своите скапо платени новинарски перјаници и контролирани медиуми. Ваквата црна кампања кулминираше токму пред самиот референдум, при што сите кои застанаа во одбрана на правото на македонскиот народ за самоопределување – беа карактеризирани како ретроградни сили, платени активисти, генератори на лажни вести и одработувачи за руската кауза која се стреми да ја оттргне Македонија од патот кон ЕУ и НАТО.

Иако во 2017 година, македонските контра-разузнавачки служби информираа за силна субверзивна пропаганда остварувана преку руската амбасада, тоа не е пречка за ширењето на бизнисите на Заеви кои пред јавноста заземаат ставови на линија на ЕУ и НАТО-фундаментализам. Ваквите политичари со вазална матрица на делување, поставени за еднократна употреба, во името на ЕУ и НАТО ја силуваа демократијата, правдата и достоинството на сопствениот народ и држава, додека единствената светост за нив е личниот профит“, се нагласува во реакцијата.

Партијата упати критика и за отсуството на истражувачкото новинарство во однос на тоа колку профит остваруваат фирмите на Заеви и преку кои канали соработуваат со Русија, додека истите тие новинари изминативе години објавуваа обемни истражувачки стории за одредени македонски медиуми, организации и активисти, кои наводно се платени да одработуваат за интересите на Кремељ.

„Иронијата е евидентна кога ваквите наводи доаѓаат од платени новинари и медиуми финансирани преку разно-разни фондации и тинк-тенк институти, а некои и директно од буџетот на Македонија“, се вели во реакцијата.

На крај, од Левица заклучуваат дека, иако СДС ги стави своите интереси и геостратешките партнери пред волјата на македонскиот народ со прифаќање на сите шовинистички политики на соседните држави под изговор дека нема друга алтернатива, сепак кога станува збор за интересите и бизнисите на Заеви, дури и Русија е алтернатива.