Ел Масри кој беше уапсен во Македонија и предаден на ЦИА спречен да сведочи во одбрана на Асанж
Во Лондон во тек е судењето за екстрадиција на Асанж. Во негова одбрана застана и Калед Ел Масри, германски државјанин со либанско потекло кој во 2012 година доби случај против Македонија во Европскиот Суд за Човекови Права. Пресудата на штета на Македонија се однесуваше на неговото нелегално киднапирање и предавање на агенти на ЦИА во 2004 на територијата на Македонија. Одлуката на Судот во Стразбург потврди дека Македонија преку ваквата соработка со ЦИА прекршила неколку членови меѓу кои и членот 3 (забрана за тортура); членот 5 (право на слобода и безбедност) и членот 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот).
Калед Ел Масри кој потоа преживеа неколкумесечно брутално измачување и притвор од страна на ЦИА, поднесе писмена изјава во поддршка на основачот на Викиликс – Џулиан Асанж при неговото судење за екстрадиција. На 16-ти септември на деветтиот ден од судењето, Ел Масри требаше да сведочи и преку видео врска. Меѓутоа т.н “технички проблеми” беа искористени како изговор за да ја спречат неговата изјава пред судот. Обвинителите исто така се противеа на сведочењето на Ел Масри. Според новинарите присутни на судењето, ова го испровоцирало Асанж да стане и да изјави: „Нема да прифатам да цензурирате изјава на жртва на тортура во овој суд”.
Сведочењето на Ел Масри е директно поврзано со случајот во одбрана на Асанж, според кој тој објавил доверливи информации од САД со цел да разоткрие злоупотреби и прекршоци како тортура и воени злосторства.
Ел Масри изјави: „Јас верувам дека без посветено и храбро откривање на државните тајни за кои станува збор, тоа што мене ми се случи никогаш немаше да биде признаено и обелоденето”. Тој додаде и дека заканите и заплашувањата не само што „не се намалуваат, туку се шират за сите засегнати“.
Меѓу другото, Ел Масри подвлече и дека пресудата донесена во негова корист против Македонија од страна на „[Европскиот суд за човекови права] во голем дел се засновала и на објавите на Викиликс”. Поради објавите на Викиликс се знае и дека германската влада не побарала екстрадиција на службениците на ЦИА вмешани во неговиот случај. Владата на САД се вмешала и во судски истраги во Германија и во Шпанија (aвионот на ЦИА со кој Ел Масри нелегално бил префрлен патувал од аеродромот Палма во Шпанија).
Во 2004 година, на македонската граница, Ел Масри беше киднапиран, приведен и злоупотребуван 23 дена. На 23 јануари 2004 година, тим на ЦИА со лисици и врзани очи го одведе до аеродромот во Скопје. 9 години подоцна, Европскиот суд за човекови права (ЕКЧП) потврди дека Ел Масри бил „силно претепан, содомизиран, окован и подложен на тотално сетилно лишување – извршено во присуство на македонски државни службеници и во рамките на македонската јурисдикција“. Како резултат на тоа, македонската влада беше пронајдена за одговорна за овие дела спроведени од страна на странски службеници. Судот дополнително потврди дека мерките биле користени со предумисла, а целта била да се предизвика намерна и силна болка и страдање кај Ел Масри со цел од него да се извлечат информации.
Ел Масри подоцна откри дека ЦИА знаела дека неговиот притвор е резултат на грешка, односно на „погрешен идентитет“. Тие знаеле дека треба да биде ослободен, но го задржале во притвор уште неколку месеци. Во мај 2004 година, Ел Масри открил дека ќе биде ослободен. Но повторно бил испрашуван и “бил предупреден” како услов за неговото ослободнување “никогаш да не спомне што се случило” или ќе следат последици. Потоа, на Ел Масри му ги врзале очите, му ги затнале ушите и го прицврстиле за седиште. Така пристигнал во Албанија.
Германскиот новинар Џон Гетц, кој работел на случајот за Дер Шпигел за време на судењето, потврдил дека дури откако Викиликс ги објави американските воени дописи во 2010-2011 година, почна да се разјаснува зошто има толку многу потешкотии во истрагата. Тој откри дека само така станало јасно како информациите биле потиснати и зошто немало реперкусии за тоа што се открило. „Американските дипломатски кабли го открија степенот на притисок врз германските власти (како и релевантните шпански власти) за да не делуваат врз основа на криминалните дејства на САД дури и кога истите се откриени.” Понатаму, новинарот изјави дека од 2004 година „секоја можна пречка беше ставена и продолжува да се става на патот на соодветно решавање и заклучок на неговиот случај, вклучувајќи прифаќање и одговорност од страна на примарниот сторител на злосторствата врз него, САД”.
Ваквите пречки на правдата продолжуваат и денес кога Државниот секретар на САД Мајк Помпео, се заканува за одмазда кон сите кои отвораат случаи против САД во Меѓународниот Кривичен Суд. Гетц потврди и дека само преку објавувањето на дипломатските дописи на Викиликс, се фрли светлина врз притисоците и техниките на тортура спроведени од САД во повеќе од една земја, но и на методите за да се спречи гонење на агенти на ЦИА вклучени [во случајот Ел Масри].