Левица: Општина Карпош одби да ги исплати асистентите на учениците со посебни потреби
Од политичката партија Левица реагираа дека Општина Карпош на чело со градоначалникот, ги раскинала договорите со асистентите на учениците со посебни потреби, кои биле дел од проектот „Образование без пречки“, финансиран од УНДП. Од таму дополнуваат дека според програмата која била изгласана од страна на Советот, проектот трае за време на учебната 2019/2020 година.
„Со раскинување на договорите, 42 асистенти останаа без примања за време на кризата. Иако изговорот на општината е дека асистентите нема потреба да добијат надомест затоа што децата не посетуваат настава, се работи за загрозена егзистенција на ангажираните асистенти кои не се опфатени со ниту една владина мерка. Дополнително, локалната власт не ја зема во предвид специфичната дејност која овие лица ја вршат и која мора да биде финансирана од буџетот на општината, а не да зависи исклучиво од надворешни финансиери.
Нашиот советник во Карпош, Бранко Ристов, на последната седница на Советот побара општината да ги исплати ангажираните асистенти од сопствените средства, откако претходно неколку асистенти алармираа до Левица. Тоа што општина Карпош ОДБИ во време на економска криза да се исплатат платите на овие лица, укажува дека локалната власт ги злоупотребува ваквите проекти исклучиво за свои ПИАР цели и не ја зема во предвид загрозената економска состојба на ангажираните асистенти кои неочекувано останаа без својот приход и работа.
Додека пренатрупаната јавна администрација не изгуби ниту дел од своите приходи за време на кризата, лицемерен е изговорот на Општината дека на асистентите не треба да им се исплатат надоместоците поради тоа што децата не посетувале настава. Во услови кога крупни бизниси со милионски профит се финансираат од парите на граѓаните, недозволиво е овие лица да останат без никакви приходи поради политичките калкулации на власта предводена од СДСМ.” – се наведува во реакцијата на политичката партија Левица.