Корона – опиум во рацете на западниот империјализам
Прашањето за потеклото на Корона вирусот останува неразрешено, но веќе некое време целиот пропаганден арсенал на Западните центри на моќ е упатен кон Кина. Ваквата агресивна пропаганда особено е воочлива во Британија и САД, кои целото медиумско внимание го насочуваат кон Кина со цел да го одвлечат вниманието од крахот на сопствените здравствени и социо-економски системи. Веќе се зборува за глобални тужби против Кина од страна на земјите од Г7 во вредност до 3,2 трилиони фунти. Во Британија, 15 високи членови на Конзервативната партија го повикаа Борис Џонсон да ја тужи кинеската влада за репарации во вредност од 351 милијарди фунти како компензација за коронавирусот.
Кога веќе се отвора темата за репарации, а особено тоа го прават британските конзервативци – наследниците на британските колонијалистички профитери, ајде да се потсетиме на една друга историска ситуација која ги поврзува Британците, Кинезите и темата со репарации – ОПИУМСКИТЕ ВОЈНИ од 19 век.
1.За разлика од коронавирусот, почетокот и мотивот позади Опиумските војни е историски факт. Тие започнаа како резултат на свесна варварска агресија од страна на империјалистичка Британија кон Кина. Целта беше јасна и својствена за агресорот – претворање на Кина во уште една колонија од која Британските колонијалисти можат да цедат ресурси и да прават профит.
2.Во 19 век, светскиот центар за производство на опиум беше тогашната британска колонија, Индија. Најголемите профитери од трговијата со опиум беа Британците и Американците. Иако опиумот беше забранет во Кина, тие продолжија нелегално да го криумчарат внатре во земјата, се’ додека Кинезите не одлучија целосно да ја забранат трговијата со хероинот на 19 век.
3.Кинескиот службеник задолжен за спроведување на забраната во таа прилика и’ го праќа следното писмо на тогашната англиска кралица Викторија: “Замислете некој човек од друга земја да дојде во Англија и да сака да тргува таму, тој ќе мора да ги почитува англиските закони. Така и трговците од вашата земја треба да ги почитуваат нашите правила и целосно да ја прекинат трговијата со опиум”.
4.На ова Британците одговараат со објавување на војна. Супериорната британска морнарица ги напаѓа и блокира главните кинеските пристаништа и од Кина изнудува понижувачки капитулантски договор.
5.На Кина и’ е одземен Хонг Конг, додека Британците добија неограничен пристап до пет пристаништа, како и повлекување на забраната за трговија за опиум. Дури и ја натераа Кина да плати репарации на криумчарите чиј опиум бил конфискуван, како и да плати огромни суми во репарации за војната.
Опиумските војни го започнаа “векот на понижување”, во кој Кина беше систематски опустошена и нејзиниот народ погазен. Овој период заврши дури откако контролата врз земјата ја врати Кинеската комунистичка партија. Кина произведувала најголем дел од светскиот БДП во 18 од изминативе 20 века. Имајќи во предвид дека овој учинок престанал токму како последица на агресијата на британските колонијалисти во 19 век, колкави репарации би требало Кина да бара денес?