АктуелноБиблиотекаИнтернационално

Зошто Индија национализираше банки?

Парламентот донесе одлука да ги постави нашите планови и политики во рамките на социјалистички модел на општеството. Потребна е контрола над главните сектори на економијата, особено во сиромашна земја каде што е исклучително тешко да се мобилизираат соодветни ресурси за развој и да се намалат нееднаквостите меѓу различните групи и религии.

Индира Ганди, премиерка на Индија.

Стекнувањето на независност на Индија од империјалистичката Британија го отвори патот на градење на модерна и независна Индија. По конституирањето на Индија како независна Република, Велика Британија единствено се откажа од управување со територијата, но мултинационалните британски компании и натаму поседувале голем дел од рудните богатства, банкарскиот сектор и други профитабилни и стратешки компании во земјата.

Ова значело дека економски, Индија и натаму е зависна од Велика Британија.

При една ваква состојба, практично Владата на Индија имаше „врзани раце“, па поради оваа причина понатамошниот развој на земјата, особено економски, беше значително отежнат и ограничен. За таа цел се појавила неопходност од национализација на банките, со што самата земја ќе има можност самостојно да управува со банките преку кои правично ќе ги дистрибуира парите кон населението, земјоделците и семејните бизниси.

Планот за национализација на банките во Индија за прв пат го претстави Индира Ганди. На 19 јули 1969 година Владата се реши да национализира 14 големи комерцијални банки. Неколку години подоцна, поточно во април 1980 година следеше втората фаза од национализацијата. Национализирани се уште шест комерцијални банки.

По оваа фаза, Владата на Индија контролираше околу 91% од банкарскиот бизнис во земјата што овозможи поголема контрола на државата.

Целта на ваквата национализација беше да се обезбедат финансиски средства за земјоделскиот сектор, малите бизниси и селските индустрии кои имаа неопходна потреба за нивно проширување и понатамошен економски развој. Комерцијалните банки претходно нудеа кредити по неповолни услови за овие субјекти, а најголем дел од парите беа дистрибуирани кон големите и моќни претпријатија. Токму овие големи и моќни претпријатија како и големи семејни корпорации, пред национализацијата го контролираа банкарскиот сектор, па истите го монополизираа овој сектор остварувајќи високи профити на сметка на населението и малите бизниси.

Ганди, покрај банкарскиот сектор, по реизбирањето во 1971 година започна и со национализирање на  рудниците, фабриките за памук како и осигурителниот сектор. Целта со оваа национализација беше да се подобрат условите на вработените, но и профитот од овие компании кој беше висок, државата да го реинвестира во повеќе други сектори. За време на војната помеѓу Индија и Пакистан во 1971 година, странските приватни нафтени компании одбија да ја снабдуваат индиската војска со горива. Поради ова, две години подоцна Ганди ги национализираше сите овие компании.

Во овој период, јазот помеѓу богатите и сиромашните значително се намалил, додека достапните и нискокаматни кредити овозможија значително зголемување на БДП на Индија, а со тоа и невработеноста. И најважно, годишните профити од банкарскиот сектор државата ги реинвестираше во образованието, здравството, инфраструктурата и другата социјална заштита.