БиблиотекаИнтернационалноПревод

Писмо на Маркс до својата сакана Џени

Во Трир 
Манчестер, 21 јуни 1856 година

Сакана,
Ти пишувам повторно, затоа што сум сам и затоа што е тешко да разговарам со тебе цело ова време во мојата глава, без ти да знаеш или да слушаш или пак да можеш да ми возвратиш…

Кусите разделби се добредојдени, затоа што, кога константно сме заедно работите постануваат толку слични едни на други што не можеш да ги разликуваш една од друга.

Дури и големите кули стоејќи една до друга изгледаат џуџесто, а обичните и мали нешта пак гледајќи ги одблиску стануваат огромни. Mалите грижи можат да исчезнат за миг отстранувајќи ги од видикот предметите кои се причина за нив. Страстите пак, кои стануваат секојдневни и рутински, со растот на растојанието, повторно магично се зголемуваат и ја добиваат својата природна димензија. Така е и со мојата љубов. 

За да сфатам и разберам дека времето, на мојата љубов и’ служи исто како сонцето и дождот на растенијата, доволно беше само за момент, па дури и тоа да беше само на сон, да ми те оттргнат од мене. Уште во првиот момент од твојата отсутност, мојата љубов кон тебе почна да го покажува вистинското лице, она што навистина е – џин кој ја обзема целата енергија на мојот дух и карактерот на моето срце. Ова ме тера повторно да се почувствувам како човек, затоа што сум исполнет со страст. Истражувањата и сите неизвесности на модерното образовани кои нè земаа в скут, објективните и субјективни впечатоци и скептицизмот кои нè тераат да бараме маана, нè прават мали, слаби и незадоволни. Но љубовта – не љубовта за фојербаховиот тип на човек, не за молечотијанскиот метаболизам, дури не и за пролетеријатот – туку љубовта кон саканата, односно кон Вас, човека повторно го прави човек.

Постојат многу жени по светов, а некои од нив се и многу убави, но каде би можел јас да најдам лице како твоето, на кое секоја негова карактеристика, дури и секоја негова брчка е потсетник на прекрасните и најслатки спомени од мојот живот?! Дури и моите бескрајни болки, моите незаменливи загуби јас ги читам во твојот лик, ми ја снемува болката бакнувајќи го твоето слатко лице.

Збогум, мила моја, тебе и децата ве љубам илјадници пати.

Твојот Карл.


Извор: Hermes Autum 

Превод од турски јазик:
Реџеп Исмаил-Хактан